На денешната 38-ма седница на Владата беа донесени одлуки да нема зголемување на платите на функционерите, да нема 13-та плата за органите на државната управа и да и има К15 за сите вработени во администрацијата.
„Имајќи ја предвид тенденцијата на пораст на просечната плата за 2024 година во однос на просечната плата за 2023 година, Владата донесе одлука за изменување и дополнување на законите во кои се утврдени коефициентите за пресметка на платите на избраните и именувани лица, судите, членовите на судски совет, јавните обвинители и на членовите на совет на јавни обвинители и за таа цел ги задолжи Министерство за економија и труд и Министерство за правда, секој во своја надлежност да достават изменување и дополнување на законите, на тој начин што ќе се изврши намалување на утврдените коефициенти за пресметка на платите, се со цел да не се направи дополнителна штета. Односно актуелните законски решенија предвидува пораст на платите на избрани и именувани лица, но Владата со цел да го заштити јавниот интерес и да нема дополнителни фискални импликации врз Буџетот донесе одлука со која ќе се направи измена и дополнување на законите каде нема да се загрози и влоши состојбата на избраните и именувани лица. Односно ветивме дека едно е сигурно и тоа го исполнуваме зголемување на платите на избраните и именуваните лица нема да има. Со ова замрзнување го намалуваме тој процент од година во година, се со цел да дојдеме до процент еднаков на нула.
Дополнително, како Влада ветивме и остваруваме – обезбедени се околу 1 милијарда денари во билансот на буџетот за исплата на К-15 што е законска обврска за сите работодавачи и како Влада ќе ја исполниме оваа обврска во текот на месец декември.
Исто така, Владата донесе одлука со која препорачува на сите органи на државната управа, со цел да не се предизвикаат дополнителни фискални импликации врз Буџетот да не се врши исплата на 13та плата за 2024 година како би успеале да обезбедиме фискална стабилност без преголеми оптоварувања врз средствата на граѓаните“ соопшти портпаролката Марија Митева.

Претходно Мицкоски на својот фејзбук профил информираше за ова.
„Целосно свесен за времето во кое живееме и фактот дека се бориме со последиците од минатото, на денешната седница Владата донесе одлуки со кои:
-Нема да растат платите на именуваните и избраните лица, судиите, членовите на судскиот совет, јавните обвинители и членовите на советот на јавните обвинители и истите преку интервенција во коефициентите за пресметка на платите се замрзнуваат.
-Нема да има исплата на 13та плата во сите органи на државната управа и средствата ќе се пренасочат за развојни проекти.
– Започнува исплатата на К15 за сите вработени во целата администрација.
Македонија ќе биде пристојно место за живеење“ напиша премиерот.












