ТЕРА

REKLAMA???

ОТКАЖАН ЗАБАВНИОТ ДЕЛ ОД ВЕВЧАНСКИОТ КАРНЕВАЛ, СИМБОЛИЧНО ДЕФИЛЕ ПОД МАСКИ

Градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочовски, информираше дека вечрашниот концерт во рамки на забавниот дел на Вевчанскиот карневал, кој традиционално секоја година се одржува на 13 јануари, е откажан поради смртта на младиот вевчанец кој синоќа загина во тешка сообраќајна несреќа.

Дефилето со маски, пак, како што рече градоначалникот, ќе се одржи во некоја минимална форма.

„Улиците на 13 јануари во Вевчани никогаш не биле во ваква состојба. Речиси се празни и речиси и да не забележав маскирано лице. Вевчани е мало место, сите сме како една фамилија. Вакви немили настани нè потресуваат“, рече градоначалникот на Вевчани.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која денеска е во Вевчани, изрази сочуство до семејството на починатиот и рече дека традицијата на Вевчанскиот карневал ќе продолжи наредната година.

„Не го препознавам Вевчани вакво, навистина ми е жал за целиот овој настан. Денеска дојдов тука за заедно со градоначалникот да видиме што ќе се случува бидејќи целата ситуација е неизвесна. Тоа што ќе одлучат граѓаните на Вевчани денеска да се случува, тоа и ќе се случува. Наредната година традицијата ќе продолжи понатаму“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Фотографиите кои претпладнево ги направи екипата на Тера телевизија која денеска е во Вевчани, зборуваат за тажната слика низ општината, каде во тоа време ги немаше маски, немаше групи, без многу публика, само минувачи.

Инаку во билтенот на МВР се вели дека синоќа околу 01.20 часот во СВР Охрид, било пријавено дека на регионалниот пат кон Вевчани, во близина на село Подгорци, струшко, патничко моторно возило „ауди“ со вевчански регистарски ознаки, управувано од 19 годишно лице од Вевчани излетало од коловозот. Во несреќата на местото на настанот починал возачот. Извршен бил увид од Јавен обвинител и увидна екипа од ПС Струга.