ТЕРА

REKLAMA???

ПРЕЗЕМИ АКЦИЈА ЗА ИСКОРЕНУВАЊЕ НА ПОЛИОТО ЗАСЕКОГАШ

„Преземи акција за искоренување на полиото засекогаш“, беше насловот на едукативната трибина која што се одржа на ВМШ во Битола, а ја организираше Ротари Клубот Битола Широк Сокак. Директорката на ВМШ Домника Рајчаносвка одржа предавање каде што присутните имаа можност да слушнат за каква бoлест станува збор, како се пренесува и како се превенира.

„Се работи за едно заболување од кое за среќа долги години во Македонија немаме случај, меѓутоа сето тоа е постигнато како резулат на задолжителната вакцинација која што се применува во нашата држава некаде од 1954 година кога почна да се применува само мртва вакцина, а од 1961 се применува и живата вакцина, а додека во 2015 година веќе се применува во рамките на петовалентните односно шестовалентните вакцини. Инаку полиото за жал на глобално ниво е сериозно инфективно заболување и сеуште постои. Тоа претставува инфективно заболување, вирусно кое е предизвикано од полиовирусот и тоа тип 1,2 и 3 коишто предизвикуваат едно воспаление кое што може да има и тоа како сериозен тек во смисла ако е засегнат централниот нервен систем“, рече проф.др.Домника Рајчановска, директор на Високата медицинска школа.

Се пренесува фек-орално преку загадена и  контаминирана вода и храна.Порано се јавувале сериозни епидемии, а во 21 век сеуште постои на глобално ниво и сеуште може да се пренеси.

„Постои т.н сега полиовирус тип 1 којшто сеуште го има и којшто може да биди на некој начин импортиран во одредена држава. Инаку нашата држава сега во овај период се смета за ослободена од полиовирус заедно со земјите од Европскиот регион некаде од 2012 година, а во Македонија автохтон случај со инфекција на полио не е забележана од 1987 година. Немаме случај со полио како резултат на сеопфатноста повеќе од 95% на децата со полио вакцина“, рече др.Рајчановска.

Ротари клубот Битола Широк Сокак традиционално неколку години со ред организира настани од овај тип по повод одбележувањето на 24 октомври- Меѓународниот ден на борба против полиото односно детската парализа.

„Целта е на овој начин клубот да даде свој придонес во правец на едукација на студентите, пошироката заедницата за неопходноста од имунизација – вакцинирање со сигурни и ефикасни вакцини, со цел спречување на заразување со  Poliomyelitis, полиовирус, вирусот кој ги напаѓа децата на возраст под 5 години.Огромен е придонесот на Ротари заедницата во искоренување на полиото (детската парализа) во светот. Почнувајќи од 1988 година преку Глобалната Иницијатива за искоренување на полиото до денес вакцинирани се 3 милијарди.деца во 122 земји. Фактите зборуваат дека Фондацијата на Rotary International донираше повеќе од 2,4 милијарда долари и безброј волонтерски часови за оваа намена. Овие бројки зборуваат за извонредниот придонес на  Ротари за искоренување на полиото во светот. Оваа година Претседателката на Ротари интернационал Џенифер Џонс, објави дека се обезбедени дополнителни 150 милиони УСД за цели на искоренување на полиото“, изјави Билјана Врцал Ванчовска, претседател на Ротари Клубот Битола Широк Сокак.

Минатата година во агуст месец Ротари објави дека и Африка е веќе регион во кој нема ниту еден случај на полио. Единствено Авганистан и Пакистан се земји каде сеуште ја има оваа болест.