Во рамките на програмата на битолското културно лето, БИТ ФЕСТ, во Офицерскиот дом, беше отворена изложбата на графики од Роберт Михајловски „Еден друг круг“. На изложбата беа прикажани дрворезите на Михајловски кои го истражуваат “пејзажот“ на урбаното и невидливото присуство на човечката дејност во тој се покомлициран лавиринт.
На отворањето на изложбата, присутните ги поздрави, директорката на културниот и информативен центар, Лили Бошевска, која зборуваше за почетоците и досегашното творештво на авторот, кој живее и работи во Мелбурн и Битола:
„Михајловски со креативните и школските почетоци се здобил во родниот град. Студирал историја на уметност со археологија во Скопје, Белград и Мелбурн, графички студии и сликарство во Њу Јорк и Мелбурн. Графиките на Михајловски го покажуваат концептот на времето кое е со одредено темпо кое повеќе се навраќа кон минатото кое ја преобликува виртуелната иднина“, рече Бошевска.

Ликовниот уметник, Владо Ѓорески, за авторот и неговите дела, вели:
„Дрворезите на Михајловски го истражауваат “пејзажот“ на невидливото присуство на човечката дејност во тој се покомплициран лавиринт. Неговите отпечатоци се со одредена симболика и асоцијативност која е на границата помеѓу одредена поетика и распадност која е присутна низ свкупната скоро унифицирана мундијална архитектура“.
Михајловски е роден во Битола 1954 г.

„Претставувајќи ги стварниот и метафизичкиот свет на доста живописен и застрашувачки начин, во еден амалгам на Мајднер со Бош, Роберт подигнува преведувачки мост помеѓу емоционалната состојба и предметот кој го прикажува. Посочувањето на распадот кој е чедо на индустриската ера и мајка на плодовите од она што следи после неа е одлично проследен од употребата на дрворезот во енергичен, спонтан, дури и брутален стил. Во ваквата постапка гледам конструктивна контрааргументација во духот на Хераклит за кого во напрегањето на спротивставените сили се раѓа хармонијата. Тензијата во графиките се манифестира преку едноставноста и комплексноста, драмата и комедијата, традицијата и иновативноста, стварното и имагинарното, контролата и акциденцијата, намерното и спонтаното и за крај – белата линија на црната позадина. Каков омаж на графиката“,напиша уметникот Филип Иванишевиќ.













