Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалоци и тутун изразува сериозна загриженост во врска со вчерашните одлуки на Владата, кои беа соопштени од заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, се вели во соопштението испратено до медиумите.
Во него се вели дека според овие одлуки, се предвидува ограничување на маржите на основните прехранбени производи, при што се очекува дека цените на овие производи ќе се намалат во просек за 10 отсто, освен за млекото, лебот, брашното тип 400 и 500, јајцата, маслото за јадење, јогуртот и киселото млеко, за кои се предвидува да останат на исто ниво, односно да не се зголемуваат.
„Сепак, забележуваме дека во својата изјава, заменик-министерот сам се демантира. Од една страна, се наведува дека основните производи се маржираат од 20-25%, што е причината за ограничувањето на маржата на 5%, но од друга страна се тврди дека нема да има значително намалување на цените. Логично е, цените да се намалат за 15-20%, доколку се намали маржата на овој начин.
Дополнително, овие одлуки не ги заштитуваат социјално загрозените граѓани, туку најголемата финансиска корист ќе ја имаат потрошувачите со повисоки приходи. На пример, во групата на месни производи ќе треба да се намалат цените и на луксузни производи, што значи дека не се води сметка за приоритетите на граѓаните со пониски примања.
Исто така, иако Владата најави дека оваа мерка ќе опфати 1000 производи, во реалноста се работи за многу поширока листа од 3000-4000 производи, вклучувајќи ги сите видови млеко со различни маслености, како и производи како што се детергенти и сапуни“ стои меѓу другото во нивната реакција.
Тие бараат итна средба со премиерот и министерот за економија и труд, за да ги разгледа последиците од овие одлуки и да ги земе предвид аргументираните предлози на компаниите од трговската дејност.












