СДСМ покажа дека е партија со организациска супериорност – организиравме 8-мартовски марш, конгрес со 700 делегати и собравме 20 илјади потписи, рече вечерва на партискиот конгрес претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, а на кој беше потврдена кандидатурата на Пендаровски за втор претседателски мандат.

„Денес СДСМ покажа дека е политичка партија со огранизациска супериорност. СДСМ во еден ден, успеа да организира три огромни работи. Прво, благодарение на Форумот на жени имавме 8-мартовски марш во Кавадарци на кои присуствуваа над 6.000 наши сопартијки. Второ, во истиот ден организираме конгрес со над 700 делегати. Трето, во истиот ден веќе имаме собрано над 20.000 потписи за претседателскиот кандидат Стево Пендаровски“ рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на 27. конгрес на партијата.

Тој додаде дека на овој начин се демантираат сите критичари, скептици и оние оки сметаат дека СДСМ не е најдобрата опција за државата.
„На овој начин најдобро се потврди она што го говорам 2 години, а тоа е дека најсилната, најголема и партија која има најголема организациска способност во државата е токму СДСМ. И се потврди дека социјалдемократијата е тука во оваа сала, дека социјалдемократијата е во Централнио одбор, дека таа е во нашата пратенички клупи, во нашите општински организации, во нашите министерски кабинети“ рече Ковачевски.
Претседателот на СДСМ додаде дека на најдобар начин потврдиле дека се многу поголеми и многу посилни и нималку ослабнати.

„Вечерва не носиме само формална одлука за изборот за нашиот претседателски кандидат. Исто како што за две недели, повторни ние, нема да носиме само формална одлука за нашите кандидати за парламентарните избори и за изборната програма. Ние вечер носиме крупна одлука, да продолжиме по зацртаниот пат, по автопатот на прогресот, по стратешките цели на Партијата и државата. Носиме одлука на кој начин, со кого, ќе се бориме, сите заедно, за да државата остане стабилна, одржлива, прогресивна“ рече претседателот на СДСМ.
Тој додаде дека речиси на сите избори, како во нашата држава така и во Европа, постоеле тврдења и ставови кои на еден или друг начин посочувале дека социјалдемократијата нема иднина, дека е дојдено некое друго време во кое социјалдемократските вредностите не се вредностите кои ги делат и посакуваат граѓаните.

„Но, за жал, се сретнавме со пандемија, а потоа и со војна не така далеку од нас, се сретнавме и живееме во економска и енергетска криза и одеднаш, сфативме дека не само што социјалдемократијата и нејзините вредности се живи, туку се и неопходни за државата и граѓаните. Социјалдемократските политики беа оние кои помогнаа земјата да се справи со сите предизвици кои ги донесоа овие кризи. Социјалдемократијата и СДСМ беа оние кои ги заштитија граѓаните, кои буквално ја спасија земјата од колапс“ рече Ковачевски.
Претседателот на СДСМ додаде дека покажале дека социјалдемократијата е повеќе од идеологија, туку е единствен начин како општеството и државата да се подобрат и обезбедат прогрес и просперитет.

Тој рече она што го нуди опозицијата е откажување од својата иднина, ВМРО ДПМНЕ нуди концепт со кој граѓаните ќе бидат против иднината.
„Иако патот до Европа е долг и тежок, тој е единствениот што може да донесе суштински позитивни промени во нашата земја и нејзината сигурна иднина. Она што го нуди опозицијата, е граѓаните да се откажат од својата иднина. ДПМНЕ и нивниот претседателски кандидат на граѓаните им предлагаат концепт со кој ќе бидат против својата иднина“ рече Ковачевски.
Тој додаде дека тие прокламираат загрозување на државата, излегување од стабилноста и процесите и состојба на континуирана криза.
„Даваат лажни ветувања кои никогаш нема да се остварат. Доволно е да се погледне што се случи во Скопје и во општините. ДПМНЕ не донесе никаква позитивна промена, нема ништо подобро, нема проекти, нема јавен превоз, нема ништо добро, според нивните зборови, само катастрофа. Тоа е пример што значи кога ДПМНЕ ќе добие власт“ рече Ковачевски.
Претседателот на СДСМ додаде дека ВМРО-ДПМНЕ не може да донесе никакви промени и тие со нивниот кандидат за претседател нема да донесат ЕУ ниту за 100 години од денес.













