Градоначалникот на Мариупол повторно апелираше за „целосна евакуација“ на стратешкото пристаниште на Азовско Море за кое Русија тврди дека е контролирано од нејзините сили.
„Ни треба само едно – целосна евакуација на населението. Околу 100.000 луѓе остануваат во Мариупол“, изјави градоначалникот Вадим Бојченко за националната телевизија.

Бојченко рече дека десетици илјади жители се убиени. Засега оваа бројката не може да се потврди, а Русија негира дека цели на цивили.

Украинскиот премиер Денис Шмихал ја нарече ситуацијата во Мариупол „најголемата хуманитарна катастрофа“ од почетокот на руската специјална операција во Украина.
Премиерот додаде дека тоа може да биде катастрофа на векот со оглед на постојаното бомбардирање на овој град.

Рускиот претседател Владимир Путин вчера изјави дека руските трупи го „ослободиле“ Мариупол, но украинските сили се уште се заробени во подземните бункери на фабриката за челик Азовстал, заедно со голем број цивили на кои, како што соопштуваат украинските власти, очајно им е потребна помош.












