ТЕРА

REKLAMA???

„СЕ ДА ЗАСТАНА ЗА РАБОТНИКОТ ДА ОПСТАНЕ“ ПРОТЕСТ НА ССМ

Под паролата „Сѐ да застане за работникот да опстане“, илјадници работници денеска излегоа на првомајски марш во Скопје барајќи повисоки плати и почитување на работничките права.

На видеото објавено на фејзбук страницата на ССМ стои: „7500 работници на улица во борбата за работнички права“

Тие побараа слух од властите за состојбата во која се наоѓаат работниците.

„Луксузот ваш е од трудот наш “, „Држава ви изградовме-без плати не оставивте, градежници“, „Платите да пораснат-младите да останат“, „Колективен договор за сите“, беа дел од паролите кои денеска ги имаше на протестот.

Со протестот организиран од Сојузот на синдикати на Македонија се бара усогласување на останатите плати со порастот на минималната плата, но и линеарно зголемување од 2.806 денари на сите плати во државата, почнувајќи од општиот работник до претседателот на државата.

Иван Пешевски, претседателот на синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање преку стримот на Радио слободна Европа порача дека е недозволиво владите да си поигруваат со работниците и работничките права, повторувајќи ги синдикалните барања за линеарно покачување на плати, но и измени и носење нов закон за работни односи, бенефициран работен стаж.

„Сите кризи удираат по џебот на работникот“, истакна Пешевски кој додаде дека голем дел од оние кои денеска протестираа немаат сретства за скари и поинакво празнување на Први мај.

Протестот започна во 12:30 часот пред зградата на ССМ по што продолжи пред Собранието, зградата на Организацијата на работодавачи и Стопанската комора, за да заврши пред Владата кон која се упатени синдикалните барања.

Претседателот на ССМ Дарко Димовски кажа дека најстариот и најброен синдикат бара од владата потпишување на општиот колективен договор за јавниот сектор во кој ќе бид регулирано зголемување на платата и враќање на изгубеното право на К-15, а истото го бараат и од Организацијата на работодавачи во приватниот сектор.

„Бараме товарот на кризата да го поднесат сите исто, а не само работниците, оти се на работ на издржливост“, кажа Димовски.

Исто така, се бара и скалесто усогласување на платите со порастот на минималната плата, нов закон за работни односи усогласен со европското законодавство, како и здрави и безбедни услови за работа и социјална сигурност, и активно вклучување на Синдикатот во социјалниот дијалог и носење на законодовството.

По говорот на синдикалците, на протестот се појавија вицепремиерот Фатмир Битиќи и неговата колешка министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и изјавија дека ќе ги разгледат барањата.