ТЕРА

REKLAMA???

„СИТЕ БОИ НА МЛАДОСТА“-ОДБЕЛЕЖАН ПАТРОНАТОТ НА БИТОЛСКАТА ГИМНАЗИЈА

Кога најстарата средношколска образовна институција во Битола, одбележува патронат, тогаш по некое непишано правило мора да биде посебно и величенствено. Синоќа на платото на Офицерскиот дом-КИЦ Битола, со музичко-сценска програма подготвена од самите ученици и нивните ментори, беше одбележан патрониот празник на СОУ. Гимназијата “Јосип Броз-Тито” Битола под мотото „Сите бои на младоста“.

На самиот почеток на настанот, Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, честитајќи го патрониот празник, се потсети на своите средношколски денови поминати во ова училиште. Тој истакна дека се гордее со успесите на учениците. Во своето обраќање пред публиката, директорката Лидија Споа, нагласи дека претставува вистински предизвик и привилегија да се раководи со ваква институција.

Потоа програмата продолжи со учениците кои покажаа високо уметничко ниво. Оваа година 2024 година, Гимназијата одбележа 79 години настава на македонски јазик, следната година ќе се одбележува големиот 80 годишен јубилеј. Во свечениот дел на настанот, беа доделени признанија на учениците и професорите – ментори кои во тековната учебна година освоија високи места на спортски натпревари, натпреварите по природни науки, странски јазици и други области, како и на учениците и професорите кои континуирано придонесуваат за добра образовна клима во училиштето и за афирмација на Гимназијата која е една од водечките образовани институции во Македонија. Благодарница беше доделена и на Општина Битола, за континуираната и безрезервна поддршка на училиштето во 2023/2024 година.

Денешната гимназија „Јосип Броз Тито“, започнала да работи во 1892 година како нижа гимназија, а на 6 февруари 1945 година започнала со редовна настава на македонски јазик. Од следната година во ова училиште започнале со работа и паралелките за образование на учители, што го потврдува придонесот на училиштето за ширењето на образованието на мајчин јазик.

Во својот развој низ годините и принципите на надградба на образовниот процес, низ ова средно училиште се образувале ученици кои станале докажани личности во своите области, како академици на МАНУ, успешни инженери, лекари, професори, писатели, уметници, научници, ректори на универзитети, градоначалници.