Новиот спот за композицијата Сон во англиска верзија Dream на нашата виолинистка Пламенка Трајковска, e веќе достапен за јавноста. Видео спотот е сниман во студиото на Владимир Георгиев со феноменалната камера на Јован Лесански.
Синглот Dream е веќе достапен и на сите онлајн музички продавници и стриминг платформи Спортифај, Ајтунс и Дезер. Композицијата е инструментална, за соло виолина во поп-класичен стил и Пламенка Трајковска е комплетен автор и изведувач. Насловот на песната е инспириран од размислувањата за животниот пат, за искуствата, за илузијата и сонот.

Пламенка Трајковска е професионална виолинистка, член на Филхармонија.Го креира музичкото јадро со наслов ,,Пламенка Трајковска – мали камерни состави“, во чиј состав дејствува гудачки квартет и трио, гудачки секстет, дуо виолина и пијано, танго трио, состав „Келтикум“ и оркестар „Ода на радоста“. Малите камерни состави креираат музички програми со класична музика и кросовер со мултимедијални елементи и музичка технологија и настапуваат на официјални концертни сцени и на алтернативни простори со цел да ја доближат класичната музика до широката публика и до младите.Автор и изведуваче на албумот „Апасионато“ и на албумот „Карневал на животните“ од Камиј Сен Санс во адаптација за виолина и пијано за кои соработува со дистрибутивните музички мрежи „Ајтунс“ и „Амазон“. Автор и изведувач е на музика за театарски претстави и на синглот ,,Светулки“. Има реализирано голем број концерти во Македонија на најзначајните културни манифестации –„Скопско лето“, „Бит фест“, „Штипско културно лето“, „Петровденски ракувања“, „Топол културен бран“, „Караманови средби“, „Кавадаречка културна есен“, „Велешко културно лето“ и многу други настапи на концертни сцени во Македонија и на концерти во Хрватска, Србија, Бугарија, Грција, Франција и Танзанија.Има добиено титула витез на хуманостаза особена помош во заедницата. Национален координатор е на меѓународниот музички натпревар на „Лајонс“ –„Томас Кути“.
Свири на виолина Joh.Bapt.Switzer од 1813 година. Пламенка Трајковска направи и обработки на фолклорни македонски теми како Елено, Ој девојче и Слушам кај шумат шумите и триптих со наслов Ехо во кои употребува звуци од природата, електронска музика, соло виолина и фолклорни теми.












