Првоосомничениот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски – Палчо, е уапсен вечерва во Турција, потврди министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на вечерашната прес-конференција во МВР.
„Штотуку добивме известување од колегите од пријателска Турција дека креаторот, планерот, главниот координатор и директен извршител е фатен и лишен од слобода на нивна територија идентично со нашите оперативни сознанија во патеката на движењето на осомничениот“, рече министерот.
Апсењето следува по меѓународната потерница за Палевски која Министерството за внатрешни работи ја распиша вчера.
Тој преку Србија и Бугарија заминал во Турција каде е уапсен врз основа на меѓународната потерница преку Интерпол.
Палевски е фатен во турскиот град Баликесир, односно е уапсен од турската полиција како се движи пешки по автопат во Баликесир.
Спасовски за соработката се заблагодари на неговите колеги од Србија, Бугарија, Турција и Хрватска и на припадниците на Министерството за внатрешни работи кои работат на расветлување на овој случај.












