Портпаролот на израелската армија Даниел Хагари денеска ги предупреди Палестинците во северниот дел на Газа да се евакуираат, нагласувајќи дека Израел „ќе нападне со сета сила“.
„Ние сме решени и подготвени за следните фази од војната“, рече Хагари на прес-конференција, пренесува „Тајмс оф Израел“.
„Фокусирани сме на Газа, но распоредивме сили низ целата земја и тоа ни овозможува да дејствуваме истовремено во сите правци“, додаде тој.
Хагари кажа дека стотици илјади палестински цивили досега се евакуираа од северот на Газа на југот од енклавата, откако израелската армија вчера издаде предупредување дека наскоро ќе изврши жесток напад врз областа.
Тој посочи дека Хамас се обидува да ги спречи цивилите да се евакуираат „бидејќи лидерите на организацијата се кријат под нив“.
Египет, Израел и САД се договорија да се отвори граничниот премин Рафа за излез на странците од Газа.
Официјалниот претставник потврди дека Израел се согласил да се воздржи од напади на области низ кои ќе минуваат странци на излез од опколената палестинска територија, а во преговорите бил вклучен и Катар и дека преговарачите добиле согласност од палестинските терористички групи Хамас и Исламски џихад, наведувајќи дека договорот не се занимава со заложниците кои ги држи Хамас, пишува „Тајмс оф Израел“.
Авион на Светската здравствена организација (СЗО) со медицинска опрема за Појасот Газа слета денеска на аеродромот Ел Ариш, на египетскиот полуостров Синај, а за оваа помош да биде испорачана во моментов се чека на отворање на преминот Рафа, меѓу Египет и Газа, изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
„Подготвени сме да ја земеме опремата штом ќе се воспостави хуманитарен пристап преку преминот“, напиша Тедрос на платформата X.
Египет го одреди аеродромот Ал Ариш за примање на пратките од хуманитарните организации и странски влади од каде ќе бидат донесени во Газа.
Седумдесет луѓе загинаа, а 200 се повредени во израелските воздушни напади додека бегаа кон јужниот дел на Газа, соопшти Хамас.
„Повеќето од загинатите се деца и жени, изјави портпаролот на Хамас, додавајќи дека три конвои бегалци биле погодени во „масакар“.