Неколку денови пред Светскиот ден на театарот, се одбележува 20 -ти март Светскиот ден на детските театри. Па така пред изведување на детските претстави, ширум светот се читаат светската и националните пораки за значењето на театарот. Театарските работници ширум светот и во Македонија, успеваат да го одржуваат контактот со својата публика преку многуборјните театарски проекти. Особено важно е што театрите за деца и младинци остануваат доследни во својата работа и наоѓаат начини за комуницирање со публиката, едуцирање на истата но и создавање нова театарска публика.

На овој ден се слави извонредното богатство од талент, креативноста, издржливоста, упорноста и посветеноста на уметниците во пронаоѓањето на нови начини за средби со публиката. Театарот претставува храм во кој се случува театарска претстава, од храмот секој посетител и љубител на театарската уметност заминува со подарок- магија, волшебство, а ова е посебно значајно за најмладите. Волшебна уметност која останува, опстојува и пркоси на просторот и времето, поддржува храбри, авангардни и креативни идеи. Да се прави театар значи да се фрли светлина на сцената од нашиот секојдневен живот.
Театарот е отворена врата за секоја нова генерација која се стреми да се надградува, да открива. Затоа младите генерации уште од најраната возраст треба да се задојат со театарската уметност која го менува нивниот живот во сите сегменти. Комуникацијата, социјализацијата и културната едукација се само мал дел од она што ќе се вреже во чистиот детски дух, ќе се поттикне желбата за нешто ново и поинакво од дигиталниот свет. Минатата година Македонија го доби и својот Македонски Национален Центар на детски театри АСИТЕЖ.











