Бројот на загинати од падот на авион за тренинг на воздухопловните сили на Бангладеш врз училиште во Дака се искачи на 27 лица, од кои повеќето се ученици, соопштија локалните власти.
Кинескиот борбен авион „F-7BGI“ вчера се урна врз двокатната зграда на училиштето „Мајлстоун Скул енд Колеџ“ во северниот дел на главниот град.
Првично беа пријавени 20 загинати и околу 171 повредени, а седуммина починаа од повредите во текот на ноќта, пренесе ДПА.
Падот се случил неколку минути откако авионот полетал вчера попладне, според медиумската дивизија на војската на Бангладеш. Оттаму соопштија дека пилотот на тренажниот авион забележал техничка неисправност набргу откако полетал од воздухопловната база Курмитола во Дака.
МИА












