ТЕРА

REKLAMA???

Скоро 5.000 битолчани се пријавиле за вакцина против грип

Битола е на второто место во државата според бројот на граѓани пријавени за вакцинација против сезонски грип. Од почетокот на кампањата, на 14 октомври, до денес, за вакцинација се пријавиле 4.845 битолчани, покажуваат податоците на Министерството за здравство.
На национално ниво, интересот за вакцинација е голем. Досега се пријавиле вкупно 66.821 граѓанин, односно во просек по 4.455 дневно. Најголем дел од пријавените се лица над 65 години, а потоа следуваат хронично болните. По Битола, според бројот на пријави, се Прилеп, Струмица и Тетово. На прво место е Скопје со скоро 20.000 пријави.
Поради големиот интерес, здравствените власти најавуваат зголемување на дневниот капацитет за вакцинација. Досега се закажани 6.710 термини, а вакцинирани се 3.266 граѓани. Во последните три работни дена се вакцинирале по околу илјада лица дневно. Од термините што веќе поминале, реализирани се 86,7 проценти, додека 503 граѓани не се појавиле на закажаната вакцинација.
Министерството за здравство ги повикува граѓаните кои не можат да дојдат во закажаниот термин навреме да го откажат, за местото да може да го искористи друг пријавен. Со новата група закажувања, која започнува денеска, се очекува капацитетот да се зголеми на околу 1.700 вакцинации дневно.
Во меѓувреме, обезбедени се и дополнителни количества вакцини. Склучен е договор за набавка на уште 26.000 вакцини од производителот „Санофи”, кои треба да пристигнат до 15 ноември. Со нив, вкупниот број обезбедени вакцини ќе достигне 56.000, а до крајот на ноември се очекуваат уште 30.000. Така, вкупно ќе бидат достапни 86.000 вакцини, односно околу 20.000 повеќе од бројот на досега пријавените граѓани.
Од Министерството најавуваат дека здравствените тимови веќе започнале со вакцинација во домовите за стари лица, а од следната недела ќе се вакцинира и во центрите за дијализа.