Денеска Ниже Поле осамна со снежна покривка. Многумина го видоа тоа како најава за зимата. заладувањето и снежните врнежи на повисоките планини започна од вчера.
И, на денешен ден во Битола врнело снег во 1978 година и во 1997 година.

Снегот на Ниже Поле денеска ги изненади службите, а послужи како потсетување дека зимата е тука, иако календарски само се приближува. Октомври сè уште не е завршен, а зимските услови веќе се почувствуваа на повисоките планински предели во државата. Од Попова Шапка и Бистра, снегот денеска се појави и на планината Баба. Утринските температури на некои планински места се спуштиле под нулата, велат информациите на УХМР.

Во Битола, северен ветер и падот на температурите го најавуваат преминот кон постудениот дел од годината. Доколку снегот се задржи и на Ниже Поле, тоа ќе биде прва зимска слика над Пелагонија. Сепак, еден снежен ден не е доволен за да се предвиди каква ќе биде целата зима.
Според сезонската прогноза на европската служба за климатски промени „Коперникус“, објавена на 10 октомври, се фаворизираат натпросечни температури во голем дел од Европа. Во исто време, прогнозниот сигнал за врнежите е помалку јасен во јужните делови на континентот, каде што припаѓа и нашиот регион.

Тоа значи дека зимата 2026/2027 би можела, во просек, да биде поблага, но не се исклучени краткотрајни студени бранови, мраз и снежни врнежи. Колку снег ќе има во Пелагонија и колку долго ќе се задржува, засега не може сигурно да се предвиди.
За Битола особено важни ќе бидат температурните инверзии, маглата и задржувањето на студениот воздух во котлината, како и можноста студениот воздух да се совпадне со циклон што носи врнежи.
Исто како во два наврати во историјата на градот.
Според монографијата „Битола – урбано-географски развој“ на авторот д-р Никола В. Димитров од 1998 година, снег паднал на 27 октомври 1978 година. Одделен климатски архив за Битола го наведува 28 октомври 1978 како ден со најголема дневна снежна акумулација од 30,6 сантиметри во периодот 1940–2025.

Истата монографија, истиот автор бележи дека на 25 октомври 1997 година заврнал снег во Битола, но веднаш се стопил. Потоа, од 28 до 30 октомври, повторно имало снежни врнежи.
Иако според климатолшка студија од истиот автор од 2018 година во периодот од 1971 до 2000 година снегот во Битола просечно се појавувал во првите 10тина дена од месец декември, сепак, октомврискиот снег во околината и во градот не е непознат феномен.











