Поранешниот претседател на Советот на јавните обвинители, Антонио Јолевски, е новиот вршител на должноста виш јавен обвинител во Битола. Тој доаѓа на местото на Пецо Везировски, против кого се води постапка под сомнение за примање награда за противзаконито влијание.
Одлуката за назначувањето била донесена на 53. седница на Советот на јавните обвинители, одржана на 13 октомври. Претходно, Советот бил известен од Основниот кривичен суд Скопје дека на Везировски му е изречена мерка на претпазливост со која му се забранува извршување одредени работни активности поврзани со предметното кривично дело. Поради тоа, била ставена вон сила претходната одлука за негово назначување за вршител на должноста, а на функцијата бил поставен Јолевски.
Јолевски е искусен обвинител, кој во минатото раководел со Основното јавно обвинителство во Битола, а од 2021 до 2023 година беше претседател на Советот на јавните обвинители.Во октомври 2024 година, Јолевски бил избран за јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство во Битола. Неговото сегашно назначување отвора и една интересна кадровска поврзаност. Во 2022 година, токму тој, како претседател на Советот, го предложил Пецо Везировски за вршител на должноста раководител на битолското Вишо обвинителство. Четири години подоцна, Јолевски го наследува на истата позиција.
Случајот против Везировски го отвори Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција на 7 октомври. Според наводите на Обвинителството, постои сомнение дека тој ја користел својата службена положба и реалното влијание врз колеги обвинители и судии во најмалку четири предмети, со цел да се обезбедат пониски казни или поповолна положба за осомничени и обвинети лица. Во прибирањето на доказите биле применети и посебни истражни мерки.
Случајот во јавноста се поврзува и со враќањето на пасошот на бизнисменот Борче Марковски, сопственик на „Марковски компани“, обвинет во предмет поврзан со јавна набавка во РЕК Битола. Сепак, Обвинителството досега официјално не потврдило дека токму овој предмет е меѓу четирите опфатени со постапката против Везировски.
Со назначувањето на Јолевски, Везировски престанува да раководи со Вишото јавно обвинителство во Битола, но не и да ја извршува функцијата јавен обвинител. Постапката против него продолжува, а до евентуална правосилна осуда важи презумпцијата на невиност.
Антонио Јолевски го презема раководењето со Вишото обвинителство во Битола











