ТЕРА

REKLAMA???

Милиони за звук и светло, мрак за комуналните проблеми во Битола

Колку пари троши Општина Битола за култура со години е мистерија. Локалната власт одбива да даде конкретни одговори колку чини секој настан, колку изнесува хонорарот на секој од ангажираните уметници, колку се потрошило на организација итн. Единствено сигурно е дека од 2023 година до денес, општината издвоила 5,4 милиони денари (околу 88.000 евра) од буџетот за „дополнително озвучување и осветлување на културни настани“.
Според достапните информации од Електронскиот систем за јавни набавки, Општина Битола со оваа специфична пракса започна за првпат во 2023 година. Во архивата на системот не можат да се најдат вакви или слични јавни набавки наменети за озвучување и осветлување на културни манифестации. Особено индикативно е што годинава општината има потпишано два договори за сосем иста услуга. Првиот договор е склучен во јануари 2026 година за сума од 1.500.000 денари
со ДДВ, а пред неколку дена се потпишува уште еден рамковен договор за истата намена, тежок дополнителни 1.500.000 денари.
Хронологијата на договорите открива класично сценарио на локален монопол кој ненадејно пука под притисок на надворешна конкуренција. Во 2023 и 2024 година, битолската сцена беше резервирана исклучиво за „Камај медиа“. Без вистинска конкуренција на тендерите, фирмата диктираше цени од 44.000 денари без ДДВ за само едно големо озвучување на настан.
Но, во 2025 година се случува пресврт. Прилепската фирма „ЦЛС-Еквипмент“ влегува во битолскиот двор и почнува агресивно да ги руши цените. Во договорите за 2026 година, цената за едно големо озвучување од почетните 44.000 денари паѓа на 9.000 денари! Уште поспецифична е ситуацијата со софистицираната дигитална опрема. Најмодерниот дигитален аудио миксер, прилепската фирма го нуди за 3.000 денари по настан.
Документите откриваат дека зад фирмата „ЦЛС-Еквипмент“ како вистински сопственик стои Јордан Чавлески. Истражувањето на неговиот јавен профил покажува дека тој не е сосем анонимен лик, туку човек кој добро ги познава институционалните лавиринти. Во изминатите години се појавува како администратор и лице за јавни набавки во повеќе државни институции во Прилеп, а бил именуван и за член на Надзорниот одбор во јавното претпријатие ЈКП „Пазари“ Прилеп. Неговата фирма има добиено над 20 државни тендери низ регионот, вклучувајќи ги Општина Прилеп, Општина Новаци и Центарот за култура во Битола.
И така, додека улиците се распаѓаат и тонат во мрак, граѓаните со години чекаат решенија за основните комунални проблеми, Општина Битола троши милиони за звук и светло што траат неколку часа. Концертите завршуваат, рефлекторите се гасат, но сметката останува да ја плаќаат граѓаните. Милионите се трошат, договорите се потпишуваат, а јавноста и натаму не добива јасен одговор за што плаќа. На крајот, не е проблемот само колку гласно свири музиката, туку колку тивко одговара општината.