ТЕРА

REKLAMA???

МОН повлекува учебници за четири одделенија

Министерството за образование и наука донесе одлука да повлече вкупно 33 учебници за учениците од прво, второ, четврто и петто одделение. Иако решенијата од Педагошката служба се веќе донесени, сегашните учебници ќе продолжат да се користат до крајот на тековната учебна година, а нивната целосна замена ќе започне од следниот септември, односно од учебната 2027/2028 година.

Одлуката опфаќа различни предмети за четири одделенија во основното образование. За прво одделение се повлекуваат 8 учебници, односно наставните материјали за јазиците (македонски, албански, турски, српски и босански), како и учебниците по математика, природни науки и општество. Исто толку учебници, за истата група на предмети се повлекуваат и за второ одделение. За четврто одделение се повлекуваат 9 учебници. Покрај стандардните јазични предмети, математика и природни науки, се повлекува и учебникот по историја и општество, како и изборниот предмет јазик и култура на Ромите. На крај, за петто одделение се повлекуваат 8 учебници. Вклучени се петте јазични предмети, математика, природни науки и изборниот предмет јазик и култура на Ромите.

За промената на наставните материјали, надлежните се повикуваат на законската одредба која го дозволува тоа по пет години од нивното прво издание. Главните причини за оваа крупна промена се и слабите резултати на ПИСА тестирањата, кои алармираат за потреба од суштински промени во образованието, како и потребата од модернизација, односно воведување пофункционални содржини што кај децата ќе поттикнат креативност и критичко размислување.

Дали ова повлекување на учебниците е само уште еден чекор во низата најавени реформи кои со децении го брануваат македонското образование, засега останува нејасно. Темата за квалитетот на наставата, застарените програми и лошите резултати на меѓународните тестирања постојано е во фокусот на јавноста, при што сите чинители, од наставници и родители, до експерти и креатори на политики, се согласуваат дека коренити промени се итно потребни.

Сепак, практиката покажа дека македонскиот образовен систем почесто се соочува со „козметички“ и ад-хок решенија, отколку со долгорочна и стратешка визија. Наместо континуитет, секоја промена на власта или на министерската позиција често носи нови концепти, што создава конфузија кај наставниот кадар и несигурност кај учениците.

За да излеземе од маѓепсаниот круг, постои општ консезус дека на македонското образование му е потребна темелна модернизација на наставните програми, кои ќе ги подготват децата за реалниот пазар на труд, поголеми инвестиции во инфраструктурата, бидејќи современи содржини не можат да се предаваат во училишта со застарена технологија и континуирана поддршка и мотивација на наставниците, кои се клучниот столб во спроведувањето на секоја реформа на терен.