Планинарскиот дом „Димитар Илиевски – Мурато“, лоциран кај Големо Езеро на Пелистер, доби фотоволтаичен систем со кој ќе се овозможи користење на сончевата енергија за неговите потреби.
Поставувањето на системот е дел од активностите во рамките на „Славков проект – Маркација на планински патеки во Северна Македонија“, кој покрај обележувањето и унапредувањето на планинарските патеки опфаќа и подобрување на условите во планинарската инфраструктура.
Со користењето на обновливи извори на енергија се очекува да се зголеми енергетската независност на домот и да се подобрат условите за престој на планинарите и посетителите. Ова е особено значајно за планинарските објекти на повисоките планински предели, каде што пристапот до електричната мрежа и другите инфраструктурни капацитети е ограничен.
Активностите на Пелистер се реализираат со директна поддршка од Амбасадата на Република Словачка. Целиот „Славков проект“ е поддржан од амбасадите на Австрија, Чешка и Словачка во Северна Македонија.
Во реализацијата на активностите на терен логистичка поддршка обезбедија Mountain Rescue и ПСК „Пелистер“ од Битола.
Со оваа активност, проектот го проширува својот опфат од уредување на планинарските патеки кон создавање поодржливи услови за планинарење и развој на планинскиот туризам.
Планинарскиот дом „Димитар Илиевски – Мурато“ на Пелистер доби фотоволтаичен систем











