Утрово пред влезот на Општина Битола осамнаа бели столици и транспарент со порака „Битола чека…“. Независната граѓанска иницијатива Поинаку преку герил акција ги потсети локалните власти на низата ветени, а сè уште нереализирани или недовршени проекти, како што се спортскиот комплекс, затворениот базен, водоводот во Бистрица, новите градинки и булевари, училиштето во Буковски ливади, новата противпожарна зграда, катните гаражи…
Но, наместо лицето кое е избрано да ја води општината до 2029 година лично да излезе пред граѓаните и советниците за да го објасни статусот на овие зафати, неговото столче во општинската зграда остана празно. Тој, заедно со општинскиот секретар Борче, изминатите денови престојуваше во Израел на некаква меѓународна конференција. Ваквото патување, се случува во екот на сериозната финансиска криза со Алта банка АД Битола, каде освен личните средства на илјадници граѓани, заглавени се и над 13,3 милиони денари на шест битолски јавни претпријатија.
За да биде несреќата поголема (ако тоа воопшто е можно), лицето избрано да ја води општината до 2029 година не успеа да дојде навреме ниту на седницата на Советот на Општина Битола на која на дневен ред имаше клучна точка за иднината на Битола – Програмата за развој од 2027 до 2029 година. Поради лошите временски услови, летот му бил пренасочен кон Виена, па градот остана без својот прв човек на расправата за документот кој треба да ја трасира иднината на општината во наредните години.
И покрај физичкото отсуство, лицето не пропушти прилика да возврати на критиките на Поинаку преку ФБ статус. Во реакцијата, тој оцени дека „резултатите не се создаваат со поставување столици, туку со континуирана работа“, обвинувајќи ги активистите дека намерно го изоставиле статусот на проектите и дека активните градилишта ги прикажуваат како заборавени ветувања.
На крај, единствената позитивна работа од сиот хаос со летовите е што лицето избрано да ја води општината до 2029 година доби бесплатна екскурзија за да направи директна споредба до каде е со реализацијата на неговата вечната парола Битола како Виена. На враќање од вистинската кон „виртуелната“ Виена, белите столици ќе ги нема, како што сеуште ги нема спортскиот комплекс, затворениот базен, водоводот во Бистрица, новите градинки и булевари, училиштето во Буковски ливади, новата противпожарна зграда, катните гаражи…











