До кога СДСМ за се што ве критикува ќе се повикувате на изборните резултати, го прашавме советникот и координатор на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Бојан Бојкоски на првата седница по двојната победа на неговата партија на претседателските и парламентарнитер избори, а Советот и на претходни седници не остана имун на изборната треска. Прашањето беше подолго од неговиот одговор. Некои велат кус, јасен и концизен е Бојкоски.
„Граѓаните се најголемиот репер, тие се оние кои ја даваат и ја одземаат довербата на политичките партии“, одговори тој.

Негови сопартијци пред почетокот на седницата се прашуваа дали на оваа прва седница по изборите Иливески од СДСМ ќе си поднесе оставка од советник со оглед на тоа што не успеа да стане пратеник во Собранието. Бојкоски не само од него и од други очекува оставки.

„Очекувам повеќе лица во Советот на Општина Битола да поднесат оставки, бидејќи тука јавно на говорницата пред граѓаните, преку вашиот медиум тврдеа дека ќе победат и дека политиките кои што ги водат тие се исправи. Очекувам да се одважат и повеќе советници да си дадат оставки“ вели Бојкоски.
Иако имаше многу обиди во минатите седници да се тргне темата со изборите од Советот, тоа не успеваше, а дури на моменти како да беше и намерно подгревана. На една од нив слушнавме и за како што беше речено најјакиот, а се мислеше на директорот на Водовод, Милевски кој е веќе пратеник.
„Тоа како што кажав јас, темата која што тогаш беше јавните претпријатија и директорот на јавното претпријатие „Водовод“ кажав јас дека перцепцијата на граѓаните е дека има најдобар рејтинг и затоа е на листата на пратеници под реден број четири. Тие се смееја и тие го нарекоа најјакиот. Се покажа на изборите дека она што го кажувавме ние се беше вистина, тие само лажеа и манипулираа“ рече советникот од ВМРО ДПМНЕ.

Сега на новата Влада ќе остане обврската и за базенот во „Даме Груев“ да го заврши и да го предаде во владение на општината. Овој базен го најави пред повеќе години неговиот колега Методија Илиевски, но не успеа да го отвори во нивно време, па го прашавме Бојкоски дали би му дозволил на Илиевски на отворањето тој прв да скокне, како што и самиот Илиевски си кажа во директно на Тера.

„Се надевам дека доколку има договор, после неколку години, Битола тој мал училишен базен ќе биде завршен. Треба да се види до каде е постапката во Агенцијата за млади и спорт. Се разбира дека доколку има некаков договор, доколку биде завршен, колегата Илиевски ќе ја има честа прв да скокни во базенот“ рече тој.
Во Советот лебди темата за преспаределба на силите, односно кога ВМРО ДПМНЕ ќе го врати мнозинството. Многумина од советниците си го поставуваат прашањето како и со кој тоа ќе се случи и дали промените би биле за скоро.












