ТЕРА

REKLAMA???

Дали парите се мамката за “грабање” по функции во Здружението на пензионери Битола?

Кога деновиве во Битола зад затворени врати и без знаење на пошироката јавност се менуваше раководството на Здружението на пензионери, многумина со право се запраша што е толку примамливо во една пензионерска организација за луѓе со веќе изградени кариери, бизниси и поранешни високи функции на старост да влегуваат во вакви игри и да се компромитираат пред сограѓаните?

Одговорот, барем судејќи според официјалните финансиски извештаи за последните три години 2023–2025 достапни преку платформата CompanyWall, ,можеби се крие во сериозните милионски суми што се вртат низ сметките и билансите на оваа институција. Здружението на пензионери Битола одамна не е само место за шах и дружење, туку моќен финансиски субјект.

Анализата на тригодишното работење открива впечатлива динамика на приходи, трошоци, но и натрупани побарувања. Во 2023 година здружението инкасирало 7.809.000 денари. Во 2024 година приходите бележат драстичен скок и достигнуваат речиси двојно повисоки 14.552.000 денари, за во 2025 година да се стабилизираат на 8.790.000 денари. Вкупно, за само три години низ касата поминале над 31,1 милион денари или повеќе од половина милион евра.

Паралелно со приходите, се трошело речиси до последен денар. Во 2023 година расходите изнесувале 6.916.000 денари, во 2024 година се искачиле на дури 14.054.000 денари, а во 2025 година биле потрошени 7.524.000 денари.

И покрај големите трошоци, здружението секоја година ја завршува во солиден плус. Во 2023 година добивката била 839.000 денари, скоро 500.000 денари во 2024 и дури 1.266.000 денари чиста добивка во 2025 година.

Она што најмногу паѓа в очи во билансите е ставката „Вкупно побарувања од клиенти“. Оваа сума во 2023 година изнесувала над 46.000.000 денари, а во 2024 и 2025 година се држи на огромни над 40.000.000 денари, односно над 650.000 евра. Истовремено, вкупните обврски на здружението кон добавувачи или други субјекти рапидно растеле. Од симболични 88.000 денари во 2023, преку 1.484.000 денари во 2024, до 3.231.000 денари во 2025 година. Сето ова функционира со минимален број на вработени.

Овие бројки ја отвораат клучната дилема. Кога во едно здружение се вртат стотици илјади евра годишно, кога се располага со десетици милиони денари побарувања (најчесто од продажба на огревни дрва, прехранбени пакети и услуги на рати за 18.000 членови) и кога се склучуваат големи договори за набавки, тогаш може да се претпостави зошто фотелјите во оваа организација се толку посакуван трофеј.

Наместо мирно пензионерско секојдневие, одредени поединци со ненаситни апетити веројатно ја гледаат оваа каса како идеален полигон за моќ, влијание и контрола врз туѓи пари. Прашањето што останува да виси во воздух е дали новото раководство дојде за да ги заштити парите и стандардот на битолските пензионери, или токму тие милионски суми беа главната мамка поради која на старост се впуштија во вакви игри?