ТЕРА

REKLAMA???

„НОВИНАРСТВО ПОД ДИГИТАЛНА ОПСАДА“ – СВЕТСКИ ДЕН НА СЛОБОДАТА НА МЕДИУМИ

Во најновиот Светски индекс на слободата на печатот во светот, објавен денеска од Репортери без граници Македонија се најде на 57 место, односно во групата на проблематични земји. Сепак, тоа значи напредок од 33 места во однос на Светскиот индекс во 2021 година кога  Македонија беше на 90 место. Во групата „Проблематични“ се и Ерменија (51), Романија (56), Косово (61), Црна Гора (63), Босна и Херцеговина (67), Киргистан (72), Србија (79), Унгарија (85), Грузија (89), Бугарија (91), Украина (106). Дваесеттиот светски индекс за слободата на печатот објавен од Репортери без граници открива двојно зголемување на поларизацијата засилена со информацискиот хаос – односно, поларизацијата на медиумите ги поттикнува поделбите внатре во земјите, како меѓу земјите на меѓународно ниво.

Според Светскиот индекс на медиумски слободи објавен од Репортери без граници, во светот се случува двојна поларизација, интензивирана од информацискиот хаос, а таа е присутна и во одделни земји и во односите меѓу земјите на меѓународно ниво.

Извештајот за 2022 година, што ја проценува состојбата на новинарството во 180 земји и територии, укажува на катастрофалните ефекти од информацискиот хаос што произлегува од глобализираниот и нерегулиран онлајн информативен простор, кој поттикнува ширење на лажни вести и пропаганда.

Норвешка останува на врвот на светскиот индекс за слобода на печатот во Европа. Најслабо рангирани се Северна Кореја (180), Еритреја и Иран. До нив се Мјанмар (176) и Кина (175 место).

Македонија е на 57-мо место на листата од 180 земји според Индексот на слобода на медиумите на Репортери без граници за 2022 година, што е скок од 33 позиции во однос на лани кога беше рангирана на 90. место.

Во Извештајот за државава се наведува дека иако новинарите не работат во непријателска атмосфера, распространетите дезинформации и недостигот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади.

Во однос на политичкиот контекст се наведува дека „целокупната средина останува поволна за слободата на печатот и дозволува критичко известување, иако транспарентноста на институциите е прилично слаба. Поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат подложени на притисок од страна на властите, политичарите и бизнисмените”.

– Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создадоа паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредувачка и финансиска независност, стои во Извештајот.

За економскиот контекст се вели дека „иако одредени видови медиумска концентрација се забранети со закон, редакцијата на некои од главните ТВ канали е изложена на економски притисоци од нивните сопственици. Државното финансирање е ограничено и нетранспарентно, а независните медиуми во голема мера се потпираат на донаторите. Странските грантови засновани на проекти придонесуваат само за опстанок, но не и за понатамошен развој. Постои влијание меѓу маркетиншките агенции и одредени медиумски куќи”.

Во однос на социокулурниот концепт се наведува дека иако не постојат јасни ограничувања во социјалната и културната средина кои влијаат на слободното новинарство, социјалните мрежи и дигиталната сфера генерално го фаворизираат ширењето на дезинформации и сајбер-закани.

– Во комбинација со ниските професионални стандарди, тие придонесуваат за опаѓање на довербата на јавноста во медиумите и го отвораат патот за напади врз новинари врз основа на полови, етнички или верски критериуми, стои во Извештајот.

Во однос на безбедноста се наведува дека иако 2021 била релативно мирна, новинарите се често мета на вербални напади.

– Под изговор за заштита на државните тајни и личните податоци, тие може да бидат изложени на правен притисок и навредливо гонење. Сепак, судовите имаат тенденција да ја поддржуваат слободата на печатот и да ги штитат новинарите. Се подготвуваат амандмани за подобра заштита на новинарите, се наведува во Извештајот на Репортери без граници за Македонија во однос на Индексот на слобда на медиумите.

„Новинарство под дигитална опсада“ е мотото под кое се одбележува годинешниот Светски ден на слобода на медиумите со што се нагласува влијанието на дигиталната ера врз слободата на изразување, безбедноста на новинарите, пристапот до информации и приватноста, велат од агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми. Денешниот ден е можност да се реафирмираат основните принципи на медиумската слобода, да се процени степенот на нејзиното почитување и да им се оддаде почит на новинарите кои ги загубија своите животи извршувајќи ги своите професионални обврски. Демократските општества не можат да функционираат без слобода на изразување, независни и критички медиуми поради што сите без исклучок треба да вложат максимални напори за обезбедување безбедна средина за работа на новинарите и пристап до информации. Според последниот извештај на Репортери без граници, пред нас се уште стојат бројни предизвици. Агенцијата, како и досега, ќе продолжи да делува проактивно на зголемување на свеста за улогата на медиумите и неопходноста да им се овозможи непречено работење.