Две од последните сообраќајни незгоди на патот Прилеп – Битола се случиле кај мостот Шемница, не се ретки сообраќајни незгоди со трактор или запрежно возило кое на оваа делница е „собрано“ од силен автомобил. Тешката сообраќајна несреќа што на 5 август се случи на магистралниот пат Битола–Прилеп, во која беа повредени девет лица, повторно ја отвори дилемата дали актуелната привремена организација на сообраќајот нуди доволно безбедност за илјадниците возачи кои секојдневно ја користат оваа делница.
Според информациите на СВР Битола, несреќата од средата на патниот правец Прилеп-Битола се случила во 8:57 часот, во судир на четири возила – автомобил „цитроен“ со српски регистарски ознаки, „сеат“ со пробиштипски таблички, товарно возило „фиат“ со струмички регистарски ознаки и патнички „фиат“ со скопски регистарски ознаки. Во Клиничката болница во Битола со тешки телесни повреди биле задржани седум лица – тројца возачи и четворица сопатници, додека уште две лица се здобиле со телесни повреди. Увид на местото на несреќата изврши увидна екипа на СВР Битола. Сите повредени добро закрепнуваат, информираат денеска од Клиничка Болница Битола.
Оваа е втора тешка сообраќајна незгода во последните две години што се случиле на иста микролокација, вели пребарувањето по интернет од објавените медиумски информации и билтени на СВР Битола. Дополнително, од средината на минатата година зачестени се реакциите на граѓаните кои и во лето, но посебно во зимата на густа магла, подмрзнат пат и без било каква хоризонтална или вертикална видлива сигнализација го минуваа пренасочувањето кај Алинци. Реакциите се дека тие – дека нема ознаки за да знаеш каде се движиш, дека поставената сигнализација е недоволна, дека прегледноста на патот е намалена до 5 метри што практички го оневозможува движењето и дека иако се реконструира патот значително е зголемена фреквенцијата на товарни возила.
Планот на државата да го заврши овој пат до 2027 па до 2028 не придонесува во намалувањето на ваквите реакции.
А последната несреќа повторно ги актуелизираше предупредувањата кои подолг период ги упатуваат граѓани, компании и секојдневни корисници на оваа патна делница. Во допис доставен до надлежните институции и медиумите, Госпоѓата Светлана Пејковска, работодавач кој организира превоз на своите вработени до медиумите во државата испрати реакција, дека привремениот патен режим не ги следи реалните услови на терен.
Во писмото се наведува дека поради изградбата на експресниот пат, најголемиот дел од сообраќајот е пренасочен на стариот пат, кој е потесен, со ограничена прегледност и недоволно одржувана патна инфраструктура. Дополнителен ризик, според авторот, претставува значително зголемениот број туристички возила, транзитни патници кон Грција и товарен транспорт во летниот период.
Апелот не се задржува само на констатација на проблемот, туку предлага конкретни интервенции: расчистување на вегетацијата долж патот за подобра прегледност, обновување на хоризонталната сигнализација, обезбедување дополнителни ленти или проширувања за безбедно претекнување, поставување банкини или страничен чакал, како и временско ограничување на движењето на тешките товарни возила во периодите кога интензитетот на патничкиот сообраќај е најголем.
Авторката на дописот предупредува дека секојдневно стотици работници патуваат по оваа делница за да стигнат до своите работни места и оценува дека безбедноста на привремената сообраќајна организација треба да биде еднаков приоритет како и самата изградба на новиот пат.
Последната несреќа уште еднаш ја наметна потребата од одговор на прашањето дали постојните безбедносни мерки се доволни за сообраќајниот товар што во моментов го носи оваа делница. Додека изградбата на експресниот пат продолжува, јавноста очекува институциите да проценат дали се неопходни дополнителни мерки за да се намали ризикот од нови тешки сообраќајни незгоди.
Ова повеќе не е само прашање на инфраструктура, туку и на управување со ризикот и заштита на човечки животи. Оваа делница секојдневно ја користат работници, семејства, туристи и превозници, поради што секоја нова несреќа неизбежно го поставува прашањето дали може да се направи повеќе додека траат градежните активности.











