Започна училишната година. Најрадосни првачињата, нивните родители, баби и дедовци и пријатели. Тера ТВ денеска беше во ЦООУ „Коле Канински“ .
Драмски момент и значајна порака – распустот заврши, треба да се оди на училиште без да се задоцни.

Првачињата во ОУ „Коле Канински“ денеска ја научија првата лекција од животот – на училиште мора да се биде навреме. Традиционално општинското училиште „Коле Канински“ на своите нови ученици им подготвува радосно, свечено пречекување – за да се знае дека освен обврските на кои ќе бидат изложени, првачињата, овде околу 50 распоредени во три паралелки, ќе имаат многу забавни активности низ кои ќе научат многу животни вистини. Имаше и по некоја солза, ама од мајките.
Дијана Христовска, директор на училиштето изјави дека 1 септември е еден од највозбудливите во животот на училиштето затоа што тоа е ден исполнет со многу емоции, возбуда …

Родители, баби и дедовци, поранешни и сегашни ученици, традиционално сите беа во дворот на училиштето, денеска посебно разубавен со цртежи од учениците и наставниците од повисоките одделенија, со посебна програма – рецитал, песнички, музика и танцување. Училиштето во летниот перид се подготвуваше за сите ученици, за одвивање на наставниот процес во реновирани, реконструирани простории.

„Како училиште секое лето се подготвуваме за почетокот на учебната година. Годинава комплетно се реновирани машката и женската соблекувална во спортската сала заедно со тоалетите. Имаме два комплетно нови опремени кабинети по Англиски јазик, со нови клупи и столчиња, сите училници се спремни, опремени се со интерактивни табли, кабинетите по природни науки се компленто уредени па може да се пофалиме дека во тој поглед учебната година ја започнуваме спремни.“ – вели директорката Христовска.

За реновирањети и реконструирањето менаџерскиот и наставничкиот тим ги реализирал проектите со помош на Општина Битола, Министерсто за образование и наука и различни донатори. 9 годишното училиште Коле Канински е исновно општинско училиште со три подрачни училишта во с. Поешево, с. Буково и населба Буковски Ливади. Денеска секаде се одржа свечен пречек на новите генерации ученици – првачињата.












