Со цел спречување на непрописното паркирање, општина Солун од вчера воведе блокатори на тркала што ќе се поставуваат на автомобили паркирани недозволено на местата наменети за постојани жители, на рампите за лица со попреченост и во деловите за товарење и истовар, јави дописничката на МИА од Атина.
Блокаторите ги поставува општинската полиција, а од општина Солун соопштија дека мерката била неопходна „со цел да се стави крај на феноменот што е особено распространет во текот на туристичката сезона, со паркирање на стотици автомобили со странски регистарски таблички во центарот на градот“, а дополнително „присутна е појавата кога некои возачи ги вадат регистарските таблички за да не бидат казнети“.
„Возачите што ќе видат дека нивното возило е неподвижно мора да се јават во Дирекцијата на општинската полиција и да ја платат соодветната казна за да им биде ослободен нивниот автомобилот“ соопштија од општината.












