Сува гранка од липите пред кафулето „тач“ го прекина неделното уживање во битолското кафе на млад битолчанец вчера. За настанот била повикана Службата за итна медицинска помош која констатирала повреди и го пренела битолчанецот во ургентниот центар на Клиничка Болница. На настанот била повикана и полиција од каде само било констатирано дека сува гранка од околното стебло станала главниот уништувач на неделниот мир во центарот на градот.

Но, денеска во ТЕРА пристигна сериозни критики и реакции од жителите на улицата којашто од Широк Сокак, покрај северната страна на Офицерски, завршува кај зградите на Фрижидери – сега улицата Македонска Фаланга.
Не знаат дали има штета во кафулето, се надеваат дека повредениот е добар, и критикуваат. Велат, „Во ниеден град не се оставени дрворедите на милост на времето: да не се кастрат барем еднаш годишно. Висината на липите е над 15 метра, од куќите се само 3метри растојание и, често предизвикуваат помали оштетувања на покривите, па и затнување на олуците со лисја, што не ретко води до поплави во куќите.“ За интервенција треба дозвола од Општината и додека да ја добиеш дозволата за интервенција – ќе поплавиш.“

Ваквата ситуација е директно критика на работата на ЈКП Комуналец , но и другите јавни комунални претпријатија затоа што одржувањето на зеленилото и дрвјата е нивна надлежност, а општинска ингеренција.

Нашите сограѓани продолжуваат,велат, зошто Комуналец ги зголеми цените на услугите кога и со повисоки цени ситуацијата кај нив останиуива идентична? Тревниците на дрворедот не се ниту искосени ни наводнети, а сопствениците на автомобили кои ги паркираат своите возила во таа зона, немаат никава гаранција дека нивното возило е безбедно, затоа што липите се стари и суви и ништо чудно паѓањето на оваа гранка да биде само првата опомена на недопрениот дрворед покрај Офицерски.












