Старата битолска чаршија во летните месеци живее со различен ритам, но дуќанџиите сè погласно го истакнуваат истиот проблем – странските туристи повеќе ја разгледуваат чаршијата, а поретко пазарат. Од друга страна, иселениците кои летово се вратија во родниот крај, со носталгија се сеќаваат на времињата кога чаршијата вриеше од народ, а денес ги пречекуваат сè повеќе спуштени кепенци.
Соништата за полни ќеси и задоволни занаетчии во Старата битолска чаршија сè потешко стануваат реалност. Во летниот период, кога Битола е полна со посетители, чаршијата е една од главните дестинации за прошетка. Но, според локалните дуќанџии, разликата меѓу „разгледувачи“ и „купувачи“ никогаш не била поголема. Странските туристи се движат низ калдрмата, фотографираат и се восхитуваат на архитектурата, но парите ги трошат главно на кафе или брза храна.
„Туристи има, шетаат, сликаат… Ама за купување – многу слабо. Сè ќе разгледаат, ќе прашаат за цена и си одат. Чаршијата стана повеќе како музеј на отворено отколку место за пазарење.“
На дел од улиците во старата чаршија посетителите ги пречекува глетка на затворени дуќани, катанци на кепенците, празни излози.
Ова за битолските иселеници носи мешавина од носталгија и разочарување. Сеќавањата на метежот, викотниците на трговците и преполниот простор каде едвај се разминувале луѓе, денес се заменети со полупразни улици и спуштени кепенци.
„Кога бев млад, тука не можеше да се помине од луѓе, сè работеше, секој дуќан имаше своја душа. Денес гледам колку дуќани се затворени, Не е оваа чаршијата што ја паметам.“
Иако чаршијата и понатаму го чува својот автентичен дух и претставува еден од најголемите бисери на Битола, сè појасно е дека ѝ е потребна нова стратегија. Без системска поддршка за занаетчиите и збогатување на понудата што ќе ги мотивира туристите да потрошат денар повеќе, Старата чаршија ризикува да остане само убава разгледница од минатото.











