Долготрајни аплаузи, стоечки овации и публика која не престануваше да ја поздравува актерската екипа – со ваков прием беше поздравена претставата „Кориолан“ на Народниот театар Битола на Verona Shakespeare Fringe Festival во Италија.
Од Народниот театар Битола информираат дека современата постановка на Шекспировата трагедија, во режија на Џон Блондел, предизвикала исклучителен интерес кај фестивалската публика, која со долги аплаузи ја наградила актерската и авторската екипа.
„Енергијата што се чувствуваше во салата за време на претставата, а особено по нејзиното завршување, потврди дека театарот навистина нема граници и дека силната приказна допира до секој човек, без оглед на јазикот или земјата од која доаѓа“, велат од НТБ.

Гостувањето се одржува во рамките на Verona Shakespeare Fringe Festival, кој годинава се совпаѓа со 12. Светски Шекспиров конгрес, организиран по повод 50-годишнината од Интернационалната Шекспирова асоцијација. Од 20 до 26 јули Верона е домаќин на илјадници уметници, професори, истражувачи и љубители на театарот од повеќе земји, а фестивалот, во организација на Центарот Skenè при Универзитетот во Верона, претставува простор каде сценската уметност, науката и современите интерпретации на Шекспир се среќаваат на повеќе градски сцени.
Од Битолскиот театар упатија благодарност до организаторите за поканата, гостопримството и професионалната организација, нагласувајќи дека за нив е чест што биле дел од ова значајно меѓународно театарско случување.
„Најголемата заслуга за овој успех им припаѓа на актерската, авторската и техничката екипа, која со својата посветеност, дисциплина и професионалност достојно ја претстави македонската театарска уметност пред меѓународната публика“, велат од Народниот театар Битола.
„Кориолан“ е современа адаптација на трагедијата на Вилијам Шекспир, која отвора прашања за власта, политичката одговорност и односот меѓу поединецот и општеството. Во претставата настапуваат Васко Мавровски, Петар Горко, Марјан Георгиевски, Борче Ѓаковски, Петар Спировски, Јулијана Мирчевска и Сандра Грибовска Илиевска. Асистент на режија е Дамјан Димовски, сценографијата и костимографијата се на Благој Мицевски, дизајнот на светло е на Џонатан Хикс, музиката на Александар Димовски, видеото на Владимир Переловски, а инспициент е Оливер Петровски.

Во Верона, Битолскиот театар гостува непосредно по македонската премиера на претставата на фестивалот „Охридско лето“. На годинашното издание на Verona Shakespeare Fringe Festival учествуваат театри од Италија, Велика Британија, Малта, Ерменија, Унгарија и Македонија.
„Благодариме, Верона! Ова беше вечер што долго ќе ја паметиме“, порачуваат од Народниот театар Битола, чијашто вредностна оценка е дека и ова гостуивање ја стави Битола и битолскиот народен театар на светската уметничка мапа.
Извор: БНТ











