Најголемото богатство на Битола се луѓето! Ова е главната порака од документарниот филм „Најголемото богатство – Битола“ кој на 19 јули премиерно беше прикажан на ТВ Тера.
Филмот е продуциран во рамките на проектот „Младите за мир преку филмска уметност“ имплементиран од граѓанските организации “Граѓански Патеки“ и “ИКТ Свет“, а со поддршка од Младинскиот меѓукултурен уметнички фонд како дел од проектот „Градење нови мостови” на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Низ интервјуа на претставници на институции од културата, уметници, музичари, пејачи, продуценти, фотографи, како и претставници на граѓанскиот сектор, филмот ги презентира културните вредности на градот и ја пренесува приказната за космополитска Битола, порачувајќи дека сепак најголема вредност се луѓето.












