Добитник на „Златен венец“ за 2024 година, главната награда на „Струшките вечери на поезијата“, е истакнатиот француски поет, Жан Пјер Симеон. Одлуката беше соопштена на свечениот настан во Македонската академија на науките и уметностите, на кој покрај прогласувањето на лауреатите на СВП, беше одбележан 21 март-Светскиот ден на поезијата со поетско читање во кое учествуваа истакнати поети- членови на Македонскиот П.Е.Н Центар, како и други истакнати македонски поети од различни генерации.

Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на годинешното издание на фестивалот, предвиден да се одржи од 22 до 26 август годинава. Жан Пјер Симеон е ценет поет, со широк распон на својот творечки потенцијал, реализиран во неколку жанровски подрачја. Тој e сестран автор, комплексна творечка фигура и поливалентна личност: интелектуалец, ерудит, поет, уредник, есеист, прозаист, драмски автор, хуманист. Поезијата на Симеон, зад себе го има благородниот контекст и драгоцената закрила, на една богата поетска традиција, каква што е француската, којашто ја краси возвишениот парнасовски идеал на песната – како суверено кралство, во кое живее и опстојува власта на Љубовта и Убавината. За свето поетско творештво, Жан-Пјер Симеон е добитник на многу награди. Одликуван е со орденот Командант од редот на уметности и литература.

Добитничка на наградата „Мостови на Струга“ за 2024 година која што СВП во соработка со УНЕСКО ја доделуваат за најдобра дебитантска збирка е германската поетеса Катрин Пиц за нејзината стихозбирка „Вакви денови имало отсекогаш“.
Директорот на СВП, Тодорче Тасевски ја објави соработката на Струшките вечери на поезијата со Делегацијата на ЕУ којашто од оваа година ќе биде покровител на наградите „Енхалон“ и „Млада Струга“ преку Јуроп Хаус-Струга (Europe House-Struga), најновата членка на мрежата на Јуроп Хаус (Europe House).

По завршувањето на прогласувањето на лауреатите следуваше традиционалното поетско читање на членови на Македонскиот ПЕН центар, како и други истакнати македонски поети во чест на 21 март- Светскиот ден на поезијата. Поетскотото послание за 2024 година го прочита истакнатата македонска писателка Оливера Ќорвезироска.












