ТЕРА

REKLAMA???

9 ГОДИНИ 3Д КИНО БИТОЛА

Со промоцијата на филмовите Штрумфови 2 и Гравитација во Центарот за култура пред точно 9 години се отвори првото дигитално 3-Д кино во Битола. Градот ја доби најсовремената опрема и започна со редовни 3Д проекции на најнови филмски остварувања. Битолчани со радост го дочекаа новото кино. Почетокот на редовниот репертоар се одвиваше под мотото „Се гледаме на кино“ кое е опремено со ултра модерен дигитален 3-Д кино проектор од водечкиот светски производител на дигитални проектори „Барко“ со можност за проекции во висока 2К резолуција. На репертоарот има филмови за сите генерации, за децата, тинјџерите и за возрасните.

Киното е со капацитет од 800 седишта кои за 3-Д филмовите се ограничени на 400 седишта. Постоечкото кино платно беше заменето со ново високо рефлективно, а за новиот сараунд звук инсталиран беше Долби систем ЦП-650.

Со овој зафат градот доби современо кино со кристално чиста слика и перфектен звук. Кино репертоарот се одвива во текот на целата година и притоа се емитувани светски кино-хитови.

Оваа година во рамките на роденденскиот месец на Центарот за култура се одбележа и роденденот на 3Д киното и тоа фокусот е ставен на македонската кинематографија со прикажување на најновите филмови на четворица режисери: Кристијан Ристески, Саша Станишиќ, Илија Павлов и Даријан Пејовски.

Најновиот филм на режисерот Даријан Пејовски „Мими“ ќе се прикажува од 28-ми октомври во големата сала. „Мими“ е психолошка драма за девојка која, потисната од родовите предрасуди во родниот крај, доаѓа да живее во Скопје. Тука се запознава со Сара и помеѓу нив се раѓа пријателство што набрзо преминува во опсесија. Улогите ги толкуваат Наталија Теодосиева, Тамара Ристоска, Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Владимир Петровиќ, Стефан Спасов и други.

Покрај македонските филмови овие денови ќе се прикажуваат и: Отпишанковци и Црниот Адам.