Во музичкото училиште во Битола се одржа семинарот со проф.д-р Кристина Светиева, редовен професор по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
На овој семинар настапија млади музички таленти од музичките училишта низ државава.
Целиот настан беше во организација на Здружението на пијанисти и музички педагози Пијано Битола, поддржан од Општина Битола која што секогаш знае да ги препознае потребите на младите таленти и да помогне во нивно усовршување и е во соработка со Државното музичко училиште.

Задоволството беше взаемно, како од страна на професорката Светиева, која што имаше прилика да работи со одлични таленти, така и од учениците и нивните ментори кои имаа шанса да учат од врвен педагог, кој што на крајот, на секој учесник им врачи диплома за учество, како и писмени рецензии за нивниот настап на семинарот.

Кристина Светиева се истакнува како една од најталентираните македонски пијанистки од помладата генерација која низ годините развива широка концертна дејност. Успешно настапува на подиумите низ Македонија (фестивалите „Охридско Лето”, „Скопско Лето”, „Денови на Македонска Музика”) и надвор од земјата (Турција, Италија, Франција, Бугарија, Шведска, Холандија, Хрватска, Чешка, САД). Носител е на повеќе високи државни и меѓународни награди и признанија.
Меѓу бројните нејзини настапи како позначајни се издвојуваат дебито со Македонската филхармонија на седумгодишна возраст, после кое во годините кои следат реализира низа настапи со истиот оркестар. Критиката ги забележува и високо оценува и нејзините настапи со оркестарот на Факултетот за музичка уметност, а во нејзиното портфолио е забележано учество на повеќе интернационални музички фестивали во Турција, Северен Кипар и Холандија. Светиева има остварено повеќе солистички рецитали во Скопје и низ Македонија и во странство, а посебно се истакнуваат нејзините солистички рецитали во Софија, Бугарија, Стокхолм, Шведска, Париз, Франција и настапот во Њујорк со реномираната првенка на МОБ, сопранот Весна Ѓиновска – Илкова.












