За градоначалникот Коњановски денеска бил историски ден за Битола. Денес на разгледување беше измената и дополнувањето, односно ребалансот на буџетот за 2025 година. А, историски оти досега ниту една Влада не одвоила толку пари, кажа тој.
„Основна причина за да се изготви овој ребаланс се средствата од Владата во висина од 707 милиони денари како поддршка на проектите со кои нашата Општина аплицираше“ рече градоначалникот.

Кога влезе на сите советници им подели папки со проектите кои ќе се работат и лево и десно, што некои го оценија како добар маркетиншки трик, а други го критикуваа дека неофицијално ја почнал кампањата и тоа со пари на граѓаните.

На овој како што го вели Коњановски историски ден, советникот Бојкоски видно расположен пред седницата кажа дека општината на вториот повик ги искористила максималните финансиски средства.

Но, СДСМ уште од минатата недела кажа дека нема да го гласа овој ребаланс. Денеска пред седницата Николовски тоа го потврди и си остана на зборот за разлика од порано кога велеа дека ќе гласаат за да не ги обвинат дека се кочничари. Оттука и прашањето што некои си го поставуваат дали за разлика од неговиот претходник, сега координаторот на советничката група на СДСМ, Николовски стана тврд орев за Коњановски и Бојкоски.

Бојкоски за Николоски вели дека СДСМ четири години се обидуваат да поставуваат сопки.

А, Николоски вели дека не биле тие против парите од владата, туку како општината ги троши парите и ги зголемува договорните услуги.

Коњановски спомена дека тие не ги игнорирале проектите на другите партии.

Изрази надеж како што рече, дека сите ќе најдат сила да покажат заложба да се направи нешто за градот.












