Сирија ја осуди „опасната ескалација на тензиите“ од страна на Израел откако израелските сили го бомбардираа генералниот штаб на сириската армија и област во близина на претседателската палата во Дамаск и јужна Сирија.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ги осуди израелските воздушни напади врз Сирија.
Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска изјави дека САД се загрижени поради нападите на Израел врз Сирија, додавајќи дека неодамна разговарал со релевантните страни по телефон.
Европската унија соопшти дека блокот е „алармиран“ од конфликтот и ги повика двете страни да постигнат прекин на огнот и да ги заштитат цивилите.
Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Сар, претходно денеска ја осуди меѓународната заедница за нејзиното молчење по нападот врз заедницата Друзи во јужна Сирија.
Гледаме дека во Сирија прогонот на малцинствата се повторува, до степен да ескалира во масакри и погроми. Понекогаш го вршат режимските сили, понекогаш џихадистичките милиции кои се дел од базата на режимот, и најчесто го прават тоа заеднички“, рече Сар, според „Тајмс оф Израел“.
Израелската армија соопшти дека извршила напад врз комплексот на Министерството за одбрана на Сирија во главниот град Дамаск, како дел од засилените воени активности со цел заштита на друското малцинство од нападите на сириските владини сили.
Бројот на жртви во израелските напади врз Дамаск се искачи на три, а најмалку 34 лица се ранети, објави сириското Министерство за здравство.
МИА












