Во Владата денеска се потпишани договорите со општините кои аплицираа и беа избрани на вториот повик за финансирање на инфраструктурни проекти. Потпишани се договори во вредност од околу 14 милијарди денари кои со средствата од првиот повик изнесуваат вкупно околу 20 милијарди денари со кои се финансираат вкупно 1.200 проекти.

Од оптшината соопштија дека Општина Битола е лидер по бројот на потпишани договори, вкупно 65 по вториот јавен повик од инструментот за капитални инвестиции. Денес, во Владата, градоначалниците на општините ги потпишуваа договорите со соодветните министерства.
Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, ги потпиша договорите за проекти во рамките на пет министерства, од кои, најголемиот број се проекти во Министерството за транспорт – 27, во Министерството за животна средина и просторно планирање – 22 проекти, во Министерството за образование и наука – 12 проекти и по два проекти во Министерството за спорт и во Министерството за култура.
Вредноста на потпишаните проекти е во вредност од околу 707.000.000 денари.
Во првиот повик објавен во септември 2024 година, општина Битола доби 16 проекти, во вредност од околу 230.000.000 денари од Владата, со општинско кофинансирање од околу 45.000.000 денари.













