ТЕРА

REKLAMA???

ЗАЕДНИЦАТА НА СРБИ ВО БИТОЛА ГО ОДБЕЛЕЖУВА СВЕТИ САВА

Со достоинство, духовност и силна порака за заедништво, во Битола беше одбележан верскиот и српски национален празник „Свети Сава“, во организација на Заедницата на Срби. Настанот измина во свечена и топла атмосфера, потврдувајќи дека традицијата, верата и соживотот се вредности што ги обединуваат граѓаните.

Светосавската српска традиција на кршење на светосавскиот колач, духовен и културен обичај на Србите во било кој дел од светот е  поврзан со одбележувањето на денешниот Св. Сава (27 јануари) – првиот српски архиепископ, просветител и заштитник на образованието и духовноста. Три децении Заедницата на Срби на овој ден го одбележува овој свој културен и идентитетски столб.

„Св. Сава е најголемиот празник за сите Срби во светот. Посебно за нашата заедница затоа што, еве 31 – 32 години ние го одбележуваме празникот, најпрвин како наша слава – којашто е највжна, а славата кај Србите е најважна, а потоа и пред триесеттина години со нашата работа успеавме да се усвои овој ден како наш национален празник во македонија.“ – вели претседателот на Заедницата на Срби во Битола, Зоран Жугиќ.

Светосавскиот колач е обреден леб, подготвен специјално за празникот. Го симболизира Христос и светото тројство – заедништвото и благословот впишани во православната христијанска вера. Колачот најчесто се осветува во црква или на свечена манифестација од свештеник, кој чита молитва и го благословува. Заедно со кумот и идниот кум колачот се врти трипати – во чест на Света Tроица и се крши на крст – а симболизира жртва, љубов, благослов. Посебно значаен момент е предавањето на кумството, кое претставува духовна чест и обврска:

Милан Мишковиќ, досегашниот светосавски кум во Битола вели дека во текот на годината Заедницата имала успешна соработка со сите. „Можам да кажам дека Македонците и Србите имаат навистина еден добар повод да воспостават одредена комуникација кадешто може да прославуваат заедно.“.

Со предавањето на кумството, се пренесува одговорноста, честа и духовното наследство од една на друга година.

 

Дејан Младеновиќ, светосавскиот кум за 2026 година вели „По повод големиот српски празник Св. Сава што се одбележува традиционално, чест ми е и голема духовна радост што за првпат еве ја имам приликата да бидам кум на оваа повеќедецениска традиција. Кумството го презедов од кумот Милан и се надевам дека оваа година достојно ќе ја претставам ( Заедницата н.з) како што тој ја претставуваше.“

 

Кршењето на колачот на ден Св. Саба не е само ритуал, туку порака за заедништво што Заедницата на Срби – Србите во Македонија го манифестираат постојано, безусловно. Своја поддршка и присуство на одбележувањето даде и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, со што уште еднаш беше испратена јасна порака за почитување на различностите и поддршка на културниот и верскиот идентитет на сите заедници во градот.

„Присутни бевме на вртењето и на светосавскиот колач, предаваањето на кумството или она што значи традиција во нашата православна вера а особено во Заедницата на Србите. Посакувам успех, здравје, пред се еве во оваа претстојна година којашто доаѓа и уште поплодна соработка заедно. Честитам на новиот кум. “- рече меѓу другото градоначалникот во својата изјава за медиумите.

Оваа година на дел од најмладата, новата генерација Срби во Македонија им беа доделени и новогодишни и светосавски подароци – пакетчиња. Тие сега ја учат, а подоцна ќе ја споделуваат традицијата, како што е ред – вели Зоран Жугиќ.

Одбележувањето на големиот српски празник во Битола не завршува денеска. Традиционално, се одржува светосавска вечерва забава, којашто годинава ќе се реализира на 31 јануари, во ресторанот „Корзо“.