Дупките и раскопаните улици низ Битола водат до единствен заклучок, дека се одраз на кризата во Нискоградба. Јавното претпријатие кое треба да се грижи за инфраструктурата во градот, очигледно не успева ни да ја одржи. Причините се многубројни, но имаат еден заеднички именител, политичко финансиската мрежа која го турка претпријатието во бездна.

Бројките покажуваат едноставна, но загрижувачка слика. Пари има, резултати нема. Во 2022 година претпријатието работело со мала добивка. Во 2023 добивката скоро исчезнала, а веќе во 2024 година, Нискоградба оди во минус од над 21 милион денари. Со други зборови, за само две години, од „на нула”, стигнува до сериозна загуба.
Лани, Општина Битола префрлила над 63 милиони денари кон Нискоградба. Но, и покрај тоа, претпријатието има околу 8 милиони денари неплатени доспеани долгови и уште 2 милиони кои допрва треба да се платат. Логично е прашањето ако добиваат толку пари, зошто имаат долгови?
Во истиот период, платите во претпријатието растат. Од околу 39.000 денари во 2022 година, на околу 51.000 денари бруто просек во 2024 година, Но, наместо подобри резултати, се случува спротивното загубите растат.

Анализата покажува дека не се работи за случајност, туку за тренд: од година во година приходите паѓаат, трошоците растат, се создаваат долгови, се бара помош од општината. Јасно е дека во ваква ситуација, Нискоградба не може навреме и квалитетно да ги санира дупките и улиците во Битола. Но, наместо да се бара одговорност од одговорните и чаре за проблемите, две работи останаа фиксни цело ова време: директорот и градоначалникот кој го назначува. Наместо одговорност секогаш полесна варијанта е зголемувањето на цените.
Ако Нискоградба е „теренската рака” на општината, тогаш таа во моментов е во гипс. Наместо мотор на долгорочен инфраструктурен развој, претпријатието се претвори во изведувач на тековни интервенции. Приватни градежни компании направија империи од парите на битолчани, а јавното претпријатие за улици тони во долгови и неизвесност. Економската логика вели дека поскапувањето може краткорочно да донесе повеќе пари, но без промена во начинот на управување ќе значи само едно граѓаните ќе плаќаат повеќе, а проблемите ќе останат исти.












