Кога градоначалникот, Тони Коњановски излегува пред јавноста со извинувања за тоа што една година се работи на неколку стотини метри улица, клучното прашање не е кој го натера, туку зошто воопшто дојдовме до ова ниво на ниски очекувања.
Ова не е прашање на комуникација, туку на резултати.

Граѓаните на Битола не бараат продукциски видеа, дронски снимки, режирани обраќања и внимателно спакувани пораки. Бараат улици (уште подобро ако се чисти), инфраструктура, решени проблеми. Бараат исполнување на ветувањата, а не кампањски „пикови“ на активност. Кога после пет години власт, ќе се дебатира за неколку стотини метри, тоа не е “резултат” што се брани со ПР, туку факт што се признава како неуспех.
Проблемот е што наместо одговорност, се нуди наратив. Наместо конкретен отчет , емоција. Наместо системска работа , симулација.
Ова отвора една сериозна дилема: дали локалната власт работи за да решава проблеми или за да управува со перцепцијата за нив? Затоа што во Битола сѐ почесто изгледа дека поважно е како изгледа работата, отколку што реално е сработено.
Извинувањето само по себе може да биде знак на зрелост. Но, ако не е проследено со мерливи резултати, тогаш станува само уште една ПР-алатка. А, граѓаните веќе не се публика што аплаудира. Тие се луѓе што живеат со последиците од неработењето.

На крајот, суштината е едноставна. Битола не бара совршен градоначалник. Бара градоначалник што ќе работи. И тука повеќе нема простор за „продавање магла“ затоа што реалноста не се монтира.













