Улицата „Железничка“ во Битола со години претставува симбол на урбаниот контраст во градот – важна сообраќајна артерија, но истовремено и хроничен пример за недоволно одржување, импровизација и институционална негрижа.

Сместена во близина на железничката инфраструктура и поврзана со индустриската и неколку станбени зони, минува покрај „чудната“ крстосница – тест за возачите и правилото на десна рака. „Железничка“ има значајна функција во секојдневното движење на граѓаните. Но токму тука завршува позитивната страна од приказната.

Во пракса, улицата често е со оштетен коловоз, нерамни тротоари и недоволна сигнализација, што ја прави небезбедна и за возачите и за пешаците.
Жителите одамна алармираат за проблемите – од дупки и кал до недостиг на улично осветлување во одредени делови. Во дождливи периоди, делови од улицата се претвораат во бари, што дополнително ја отежнува комуникацијата. Во зимските месеци, пак, состојбата се влошува со мраз и неисчистени површини.
Kраткорочни крпења на асфалтот нема. Низ призмата на домаќинско работење – трошокот од ден на ден се зголемува.
Дополнително, улицата е оптоварена со сообраќај, особено поради нејзината функција како врска со индустрискиот дел на градот и обиколувањето на градот. Зголемениот број товарни возила го забрзува пропаѓањето на инфраструктурата, додека отсуството на јасна стратегија за пренасочување или регулирање на сообраќајот ја влошува состојбата.

Најава за реконструкција нема. Ниту информација што општината презела за реконтсруирање на патот кој до почетокот на овој век беше дупки, длапки и останати отвори, и со коцка. Оттука, улицава, наместо да биде функционален и безбеден коридор, таа останува пример недоволна грижа за квалитетот на живот на граѓаните.
А и лош природен ПР на градот.












