ТЕРА

REKLAMA???

Гребеле, гребеле и заминале

Најавуван како конечно добар проект за имиџот на градот, булеварскиот влез во Битола од северната, страната на Прилеп сеуште не ја оправдува идејата. Последната реакција од граѓаните до ТЕРА е за последниот дел од излезот, непосредно до раскрсницата која води до автопатот. Според едни пред две недели, според други пред повеќе од три недели, машини од општина го изгребале патот како дел од подготовката за асфалтирање на делот кој е воведот во булеварскиот влез.

Но, оттогаш до денеска, ниту во топлите денови кога имало општимални услови за асфалтирање, никој не се појавил, асфалтна маса ниту донел, ни ја ставил. Гребеле што гребеле и засега, се добивал впечатокот дека само заминале.

За бавната и навидум непрофесионална изведба на работите со критика кон градоначалникот и локалната администрација реагираше и премиерот Мицковски, кој во таа прилика спомена дека очекувал грандиозно најавуваниот проект да биде готов за помалку од една година, како што било проценувано.

Проектот со реализација на терен започна во 2024 година, а веќе во октомври 2025 година, по една брза предизборна офанзивна работа поголем дел од битолската јавност, веројатно и премиерот, разбраа што се случува:  дека на „потегот од бензинската пумпа „Лук Оил“,до самиот влез во градот според ГУП, се реализира реконструкција на коловозот во должина од 1,3 километри.“ Дека  проектот се реализира во неколку фази – првата, во должина од 840 метри, два коловози со ширина од по 7,5 метри, меѓусебно одвоени со урбано уредена разделна површина, пешачки и велосипедски патеки со ширина од 5,5 метри, што треба да биде заокружено со светло.

И, дека и втората етапа на реализација на булеварскиот влез, ќе ги опфати истите градежни активности – канализациски приклучоци за граѓаните, кои вклучуваат реконструкција на канализационата и водоводната мрежа, нови коловози, тротоари и велосипедски патеки.

Во меѓувреме граѓаните реагираа дека наместо тротоар со бекатон плочки – имаат асфат, дека немаат приклучок за возилата во нивните домови, а уште позначајно за влезовите во дуќаните и бизнисите лоцирани таму. Се досега булеварскиот влез наликува на градежни активности без крај и со асфалт кој забегва или може да се одлепи, наликува на проект кој потенцијално и ова лето ќе ги полни билтените за животна средина со честичкипрашина, во секој случај проект од кој битолчани  очекуваат

„Градот да блесне со ново улично осветлување од над 1300 метри“, затоашто „Булеварскиот влез од страната на Прилеп е првиот впечаток кој го има секој кој доаѓа во нашиот град.“