Битолски ученици низ друштвената игра „Преспа“ имаа можност да учат како се штити живиот свет на Преспанско езеро. Македонското еколошко друштво во соработка со Националниот парк Пелистер организираше едукативна работилница во Основното училиште „Даме Груев“ во Битола, каде учениците ја играа друштвената игра „Преспа“.
Се работи за друштвена игра преку која на забавен и креативен начин се мотивираат децата и возрасните да се грижат за заштита на живиот свет во Преспа. Играта е направена со цел да го поттикне нивното знаење и љубопитност за биолошката разновидност и природните живеалишта во регионот, овозможувајќи им на учениците да се стават во улога на млади еколози, да решаваат предизвици и да откриваат интересни факти за прекуграничниот Преспански Регион.
Тие треба да заштитат пет преспански животни, растенија или живеалишта, а за да го постигнат тоа треба повеќепати да го обиколат целиот прекуграничен басен. Попатно се соочуваат со тешки одлуки – од една страна мораат да обезбедат средства, бидејќи заштитата е скапа, но од друга страна не смеат целосно да го изгубат најважниот ресурс од сите – водата.
Ваквите активности придонесуваат кон градење на одговорни млади генерации, кои со знаење, љубопитност и ангажираност ќе продолжат да се грижат за природното наследство на Преспа.












