УШТЕ ЕДЕН ОБИД ЗА ЗАТВОРАЊЕ НА ОБРАЗОВНА НАСОКА ВО БИТОЛА
ОТВОРЕНО ПИСМО ДО МИНИСТЕРКАТА ЗА ОБРАЗОВАНИЕ ПРОФ ВЕСНА ЈАНЕВСКА
До
Министерот за Образование на
Република Северна Македонија
Почитувана Министерка Проф Др. Весна Јанева,
Би сакале како родители на учениците од Државно Средно Музичко Училиште да се обратиме до Вас со желба најнапред да се заблагодариме што во Битола се отвори при Државното Средно Музичко Училиште насоката за традициски играч и пеач каде учениците ги пронајдоа своите амбиции и талент и кои несебично ги вградија во изучување на македонската фолклорна традиција. Тоа се деца кои својот афинитет го пронаѓаа таму од мали нозе и кои со нетрпение ја дочекаа објавата дека ќе можат целиот свој професионален век да го посветат на она што најмногу го сакаат а тоа е македонската фолклорна традиција. За нив тоа е нивната најголема љубов, предизвик, непроменета одлука, децидност и длабока размисла дека тие се чувари на македонскиот идентитет како народ. Од првиот ден, од својата одлука да ја изучуваат македонската традиција покажаа неверојатна свесност и дух дека тие се идните професионални глобтротери на нашиот фолклор и дека тоа е наука која подразбира сериозен пристап во изучувањето. Секој друг избор за нив ќе значеше наметнато мислење, ограничен избор, незадоволство и фрустрација.
Нивниот ентузијазам е забележан од целокупниот професорски кадар во Државното Средно Музичкото училиште во Битола и несебично е подржан од нив во спроведување на програмските активности. Со огромна гордост сакаме да Ве известиме дека нивните настапи се пречекани со огромни аплаузи, нивната професионалност уште во зачеток, предизвикува восхит на сцените каде настапуваат, не само во Битола туку и на нивното гостување во Корча при посетата на ниво на соработка со Музичкото училиште од Корча, Албанија. Нивниот перформанс внесе нова свежина во програмата на Музичкото училиште во Битола, така сега спојот на класика и традиција го збогати уметничкиот сенс на училишните концерти претворајќи го во нешто атрактивно за поширокиот профил на слушатели и посетители. Тоа креира можност за компаративен приказ на музичката уметност како универзален јазик кој го зборува цел свет, а во кого има место само за нотна хармонија. Нивниот јавен час, како програмска активност стана културна содржина која градот со нетрпение ја очекува. Силни во својот уметнички израз на своите настапи будат чувство на гордост но воедно и прифаќање на фактот дека припаѓаме баш таму меѓу најголемите музички школи на светот. Последнава декада во нашата земја ја одбележа една голема иницијатива, македонскиот фолклор да се издигне на ниво на наука и конечно да си го добие заслуженото место меѓу академските научни дисциплини како најбогат фолклор во светот, епитет заслужен на многу сцени и многу научни конференции посветени на традициите од светот. Благодарение на успешниот менаџмент и посебно Директорката Марија Шамоска Буџаковски набавени се традиционални инструменти за успешно и непречено спроведување на програмските активности, со што училиштето покажа дека оваа насока како определба стана интегрален дел од работата, развојот и претставата на ова училиште.
Иницијативата во Битола да се формира професионален ансамбл на градот е поттикната и поткрепена токму со продукцијата на идните генерации на оваа насока, кои ќе бидат регрутирани како образован профил кој ќе ја понуди својата професионалност во работата на овој ансамбл. Впрочем и постоечките ансамбли и културно уметнички друштва кои работат во Битола веќе се заинтересирани во своите членства ваквите кадри да ги ангажираат како идни кореографи и корепетитори кои ќе го збогатат работењето на овие ансамбли. Ако се земе во предвид бројот на овие друштва кои работаат на територијата не само на Битола туку и во јужниот и југо-западниот регион од нашата земја несомнено дека сам се наметнува заклучокот дека продолжувањето на работата на насоката е повеќе од суштински.
Годините на работа на ваквата насока во Државниот Музичко Балетски Училишен Центар “Илија Николовски –Луј” од Скопје испрофилираа многу славни имиња во сферата на фолклорот, и насочија многу млади луѓе да ја истражуваат фолклорната музичка традиција на нашиот народ. Истите своето образование го продолжија на Факултетот за Етнокореологија и станаа врвни истражувачи, предавачи и презентери на македонскиот фолклор ширум светот на највисоките и најугледните научни собири кои ја обработуваат трацијата на секој народ. Работата на двете вакви паралелки во музичките училишта во Битола и Скопје заедно со Факултетот за Етнокореологија во Штип станаа дел од заложбата на оваа Влада за ревносно зачувување на идентитетот, носејќи голем дел од реализацијата на ваквата заложба.
Со жалење и неверување ја пречекавме веста дека оваа година насоката нема да продолжи со работа во Битола, токму сега кога за неа се разви огромен интерес за запишување на нови генерации. Интерес има и меѓу учениците кои претходно се запишале во насоката Изведувачи во Државно Средно Музичко Училиште Битола да се префрлат и школувањето да го продолжат во оваа насока, интерес има меѓу членовите на културно уметничките друштва кои неуморно регрутираат нови членови кои претставувањето на македонскиот фолклор би го издигнале на академско ниво, интерес има не само во Битола туку и во другите градови во Македонија кои би гравитирале кон оваа паралелка. Во првата генерација на насоката во Битола се школуваат ученици од Вевчани, Кичево, Демир Капија, Прилеп, Демир Хисар но оваа година интересот се прошири на поголем број на градови во републикава. Kако родители, како граѓани на Македонија, се прашуваме зарем Музичкото училиште во Битола со долга традиција и квалитет Ви послужи за непромислена егзибиција на која подлегнавме сите ние кои дадовме доверба на училиштето и ги пративме нашите деца во ова училиште. Кои беа критериумите кои Ве насочија и уверија дека насоката за традиционална музика и игра е ВИШОК? Зарем на Битола градот со традиција и култура требаше да му се удри ваква шлаканица и вака несериозно да дозволат насока лани отворена оваа година да згасне? Ако ништо друго училиштето и сите заинтересирани деца за оваа насока заслужуваат ЈАВНО ОБЈАСНУВАЊЕ од Вас ЗОШТО НАСОКАТА СЕ ЗАТВАРА ВО БИТОЛА?
Почитувана Министерка за образование Весна Јанева, се повикуваме на Вашите патриотски чувства да не дозволите да згасне профилот кој е чувар на нашиот идентитет во време кога истиот е сериозно напаѓан и демантиран од многу страни. Не дозволете дома да згасне изучувањето на македонскиот фолклор во време кога истиот во светот се повеќе станува предмет на изучување и истражување од еминентни институти и институции. При тоа земете го во предвид фактот дека наставниот кадар кој ги предава стручните предмети специфични за оваа насока работи хонорарно. Токму нивниот ентузијазам, посветеност, љубов, децидност да се успее во работата и тоа како го задолжуваат Министерството за образование да ги подржи во нивната определба и да биде нивна најголема подршка.
Се надеваме дека ќе најдете време и внимание да го прочитате ова наше обраќање, да го разгледате со сета сериозност која ја заслужува и пред се да не дозволите да бидете запаметена како министерка која сруши многу соништа и запре голем младешки полет. Вљубениците во македонскиот фолклор не го заслужуваат тоа. Изучувањето на македонскиот фолклор ќе го задржи интересот на младите да останат во Македонија и да ги проучуваат своите корени, што впрочем претставува еден од главните цели поставени пред оваа Влада.
Со огромна благодарност што со нас се среќавате во овие последни редови од ова наше обраќање ние долупотпишаните
СИЛВАНА ПЕТРОВА НАСУХ, АЛЕКСАНДАР ЈАНКУЛОВСКИ, ТОШО ЧОЧОРОВСКИ, БЛАГИЦА КУЗМАНОВСКА, ПЕРИЦА КОТЕВСКИ, МАРИНА ВАСИЛЕВСКА, КРСТЕ МЕЛОВ, ЛИДИЈА СТОЈАНОВСКА
КАКО И РОДИТЕЛИТЕ НА ДЕЦАТА КОИ СЕ НАДЕВАА ДЕКА ОВАА ГОДИНА ЌЕ СЕ ЗАПИШАТ ВО ДРЖАВНО СРЕДНО МУЗИЧКО УЧИЛИШТЕ НА НАСОКАТА ЗА ТРАДИЦИОНАЛЕН ИГРАЧ И ПЕАЧ.












