ТЕРА

REKLAMA???

Општината и јавните претприајтија планираат 206 нови вработувања следната година!

Општина Битола, јавните претпријатија и установи во надлежност на локалната самоуправа, за 2027 година планираат вкупно 206 нови вработувања. Наместо кратење на трошоците заради долговите, загубите и сериозните проблеми со ликвидноста што ги имаат со години, тие се одлучија за зголемување на општинскиот апарат со оправдување дека тоа било законска обврска. Проекциите говорат дека доколку се реализираат сите 206 планирани вработувања, вкупниот број на вработени во служба на општината ќе се зголеми за над една петтина.

„Комуналец“ планира дури 50 нови вработувања. Менаџментот вели заради „зголемен обем на работа“ на терен. Но, кога ќе се погледне структурата на планот, се гледа дека дури 14 од нив се административни службеници, а 6 се технички лица. Значи, речиси половина од новите вработувања се за во канцеларии, а не за чистење на градот.

„Нискоградба“ планира 36 нови вработувања. Ова претпријатие заклучно со јуни имаше над 7 милиони денари доспеани, а неплатени обврски, но наместо план за консолидација, одлучи да го испочитува законот и до Советот да предложи нови вработувања за следната година. Од нив 10 се за в канцеларија.

Од планот за вработување што го предложи ЈП „Водовод“ се воочува, пак, друг апсурд. Едно лице ќе си замине во пензија, а ќе дојдат двајца нововработени во претпријатието. Во моментов, во „Водовод“ има 190 вработени, а за 2027 година се планираат 23 нови вработувања. На долгиот список позиции, покрај теренски работници, се бараат и инженери, архивари, сметководители и кадар за јавни набавки. За потсетување, во јуни, „Водовод“ пријави дека има доспеани, а неплатени обврски кои достигнуваат над 1,6 милиони евра.

“Интересен” е примерот и на ЈП „Паркинзи““. Ова претпријатие, според документите што ги испрати до Советот на Општина Битола, во моментов има 25 вработени, а за следната година планира дури 22 нови вработувања. Во ЈП „Пазари“ се планираат 16 нови вработувања. А, најекстремниот пример е МЈП „Пелалинк“. Претпријатието во кое работат само 7 вработени, бара согласност за уште 13 нови позиции. Тоа е скок од речиси 300%. Претпријатието бара седум возачи, четворица за административно-финансиски позиции, раководител на превозот и хемичар.

 

Во Општина Битола, Тончи и Борката планираат 26 вработувања под изговор дека местата биле „празни во систематизацијата“. Од нив, 12 се административци, 13 овластени службени лица и едно техничко лице. Од работа си заминуваат само 6 лица.

Владеачкото мнозинство во Советот на општината даде зелено светло за сите планови што ги доставија општинските установи. Со тоа, се потврди праксата која е присутна со години наназад (партиските?!) планови за вработување да добиваат приоритет пред финансиската и оперативната консолидација на претпријатијата. Одобрувањето на овие 206 позиции, во услови кога јавните претпријатија работат со регистрирани загуби, создава долгорочен притисок врз општинскиот буџет. Институциите ќе влезат во деловната 2027 година со зголемени оперативни трошоци за плати, што неизбежно го отвора прашањето дали во иднина граѓаните ќе добијат поквалитетни услуги или само повисоки сметки за нивно покривање?!