Занаетчиите во битолската чаршија се соочуваат со вистински шок по воведувањето на новите законски измени за придонеси, со кои месечните давачки за малите дуќани преку ноќ скокнаа од 4.200 на 9.500 денари. Во ситуација кога занаетчиите се борат за гол опстанок под овој нов финансиски товар, вистинско прашање е каде беа и што работеа Занаетчиската комора на Македонија и Регионалната занаетчиска комора во Битола? И покрај тоа што Управата за јавни приходи со време ги објаснила претстојните законски измени и јасно ги предочила промените во начинот на пресметката, Комората целосно потфрли во својата основна функција. Таа не успеа да најде ниту начин, ниту соодветен механизам, а уште помалку правна или економска форма како навреме да ги заштити и подготви своите членови за овој финансиски удар.

Наместо да понуди решенија, Комората сега само пасивно ја констатира штетата и статистички брои колку дуќани се затвораат низ градовите. Фактот што сумите за придонеси скокнаа од 4.200 на цели 9.500 денари е директен показател дека раководството на Комората “спиело” додека институциите ги подготвувале промените. Наместо да лобираат за олеснувања и да ги заштитат малите семејни бизниси во чаршијата, тие дозволија занаетчиите да бидат затекнати и ставени пред свршен чин.

Особено поразителен е односот на Комората во последниот период, каде наместо цврсто и бескомпромисно да застане во одбрана на занаетчиството како клучна егзистенција и вековнатрадиција, таа свесно ја префрла топката во дворот на занаетчиите. Наместо да побара итно одложување на мерките или државна помош за да се ублажи овој удар, Комората во јавноста излегува со обвинувања за наводни злоупотреби на скратеното работно време. Со тоа што самата Комора најавува и практично повикува инспекциски служби и контроли врз сопствените членови, таа директно се става во улога на соучесник во притисокот врз малите дуќани, наместо да биде нивниот последен бедем и заштитник.
Ваквото однесување покажува тотално отсуство на стратегија за спас на златарите, часовничарите, кројачите, чевларите, берберите… кои останаа да го крепет духот на битолската чаршија. Наместо да се зибори за конкретни олеснувања, Комората ги остава занаетчиите сами да се справуваат со институционалниот хаос, доцнењето на пресметките и административниот товар на УЈП. Луѓето кои со генерации го пренесуваат занаетот и со години уредно ги плаќаат своите давачки кон Комората очекувајќи заштита, во клучниот момент кога државата ги менува правилата, останаа без поддршка.

Работите стануваат уште поалармантни со најновите чаршиски муабети кои кружат низ Битола. Се зборува дека неколку дејности веќе ставиле клуч на врата веднаш по воведувањето на новите промени, а она што дополнително загрижува е што сите тие наводно биле водени од жени. И додека женското претприемништво во Битола трпи директни штети и згаснува под притисок на давачките, јавноста со право прашува дали Советот за женско претприемништво ќе преземе нешто конкретно за да ги заштити овие жени? Или пак, најголемото гајле на претставничките на овој совет им беше што да се јаде и како да се облечат за свечената средба со Претседателката на државата кога дојде во Битола за фестивалот „Браќа Манаки”. Изгледа дека гламурот и коктелите се поважни од суровата реалност и борбата за парче леб на жените кои со мака ги одржуваа своите мали бизниси во битолската чаршија.











