Средношколците од цела Македонија повторно имаат можност да освојат 1.000.000 денари за своја бизнис-идеја. Започна второто издание на натпреварот за најдобра бизнис-идеја на средношколци, во организација на Бреинстер некст Колеџ и ЕН ЈУ ХАЈ СКУЛ АКАДЕМИ, а пријавувањето е отворено до 8 ноември на milioner.mk. Право на учество имаат сите средношколци од прва до четврта година, од државните и приватните средни училишта.
Патот до милионот е следен: од сите пријавени бизнис-идеи на средношколците од Македонија, на 10 ноември ќе бидат објавени 120-те најдобри, по што започнува јавното онлајн гласање кое ќе трае до 25 ноември. Во истиот период ќе бидат организирани и седум менторски работилници, на кои учесниците ќе добијат практични совети за развојот на своите идеи.
На 25 ноември ќе бидат избрани 50-те најдобри тимови, кои на 28 ноември ќе имаат само 90 секунди за да ги убедат инвеститорите во потенцијалот на својата идеја, преку форматот познат како elevator pitch. Од нив ќе бидат избрани 20-те најдобри тимови кои ќе продолжат во големото финале.
На 29 ноември финалистите ќе имаат по пет минути за презентација и уште пет минути за прашања од инвеститорите и жирито, по што ќе биде прогласена победничката идеја што ќе ја освои наградата од 1.000.000 денари влог во идејата.
Тројца битолчани покажаа дека милионот не е само сон
Минатогодишното издание на натпреварот покажа дека во Македонија постои огромен претприемачки потенцијал кај младите. Во конкуренција на стотици пријавени тимови, победата ја однесоа тројца средношколци од Битола – Јован Талевски, Иван Секуловски и Марио Рабаџиевски, со тимот Stay BE и бизнис-идејата „Систем 4“.
Нивното решение користи вештачка интелигенција за подобрување на работењето на хотели и ресторани, преку телефонски агенти, чет-асистенти и други дигитални услуги.
Целта на натпреварот е да го поттикне претприемачкиот дух кај младите, да ги охрабри да размислуваат креативно, да препознаваат можности таму каде што другите гледаат проблеми и да научат дека за успешен бизнис не е пресудна возраста, туку идејата, знаењето и иницијативата.











