Офицерскиот дом во Битола синоќа блесна во розово за настанот „Розов пулс за Битола“, посветен на подигање на свеста за превенција од рак на дојка. Настанот, кој по својата благородна цел требаше да ги обедини битолчани во солидарноста, се претвори во сцена на тежок институционален цинизам и демонстрација на моќ.
Додека градоначалникот од говорницата емотивно порачуваше дека „грижата за сопственото здравје е чин на љубов кон себе“ и дека локалната самоуправа дава „безрезервна поддршка на ваквите настани“, во првиот ред, веднаш до него, седеше Моника Марковска. За пошироката јавност, ова е само уште еден протоколарен настан. Но, за битолската јавност која будно ги следи корупциските и етичките скандали, ова беше врв на безобразлукот.

Само пред неколку дена во јавноста одекна веста за обидот за класичен судир на интереси во Општина Битола. Приватното здружение „ВР ЛАБ“, каде основач и овластено лице е токму Моника Марковска, аплицираше на општинскиот тендер за изработка на Стратегија за развој на женското претприемништво во Битола. Парадоксот да биде комплетен, Марковска е претседавач на Советот за женско претприемништво на Општина Битола, истото она тело кое утре треба да помага во спроведувањето на таа Стратегија. Со други зборови, Марковска се обиде преку своето здружение, да си земе општински пари за документ што го засега нејзиното тело. Иако понудата на нејзиното здружение беше отфрлена, општината тоа го стори поради формално-административни недостатоци во документацијата, а не затоа што некој во локалната самоуправа вклучил црвен аларм за морал, етика и конфликт на интереси.
Синоќешното седење „рамо до рамо“ на Тончи со МоникаМарковска застрашувачка порака до граѓаните на Битола. Тоа покажува дека во локалната власт не постои одговорност, туку заштита на кадрите со сомнителен морал и кредибилитет. Наместо Марковска итно да биде разрешена или самата да си поднесе оставка од претседателската функција во Советот по ваквиот скандал, таа се користи како декор за хуманитарни настани.
Прашањата за овој случај веќе се испратени до Националната мрежа за женско претприемништво, а денес официјални прашања за одговорност и етичност испративме и до Факултетот за информатички и комуникациски технологии каде Марковска работи, како и до Македонското научно друштво каде таа членува. Битолчани заслужуваат одговор дали Офицерскиот дом синоќа беше домаќин на настан за женското здравје, или пак послужи како параван за перење на јавниот образ на луѓето кои општината ја гледаат поле за личен бизнис-простор? Борбата за здравјето е света, но обидот да се профитира од неа за да се покрие етичкиот срам е чин кој не се премолчува.
Од Општина Битола, пак, и од кабинетот на градоначалникот побаравме одговор дали градоначалникот смета дека е етички и морално да ја дели сцената во првиот ред со претседавач на општинско тело кој се обиде да профитира од општински тендер наменет за истото тоа тело и дали општината ќе покрене постапка за разрешување на Марковска од Советот за женско претприемништво со цел да го заштити интегритетот на институцијата?
До моментот на објавување на овој текст, од Општина Битола не добивме никаков одговор. Нивниот молк, надополнет со синоќешната слика од Офицерскиот дом, зборува погласно од било кој допис. Тој испраќа порака дека институционалната блискост и политичката заштита во Битола сè уште го имаат последниот збор пред етиката и одговорноста кон граѓаните.
Од срам се црвенее, во Битола се „розовее”











