Пред 13 години, на денешен ден во 2012 година Македонската Православна Црква изврши историска канонизација на Светите 40 битолски преподобномаченици во Соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“ во Битола .
Со овој свечен чин, МПЦ-ОА официјално ги вброи во редот на светителите локалните маченици кои пострадаа за христијанската вера за време на османлиското освојување на градот во 14 век.

39 монаси и свештеници од Битола од втората половина на XIV век, заедно со еден муслимански преведувач (Хасан) кој за време на заробеништвото ја прифатил христијанската вера, биле погубени на 9 март 1384/1385 година на Баирскиот рид во Битола (месноста позната како Кркардаш) по четиримесечната османлиска опсада на градот.
Настанот се одржал во рамките на одбележувањето на 45-годишнината од возобновувањето на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Светите 40 Битолски преподобномаченици се празнуваат секоја година на 28 октомври (денот на нивната канонизација), како и на 9 март.











