Вториот ребаланс на буџетот на Општина Битола за годинава наместо дополнителен развој, на површина извади енергетски и менаџерски колапс. Општинските власти итно бараат дополнителни 17.200.000 денари за плаќање на сметките за струја за јавно осветлување. Со тоа, вкупната сума за оваа намена ескалира на астрономски педесет и седум милиони денари.
Официјалните документи покажуваат дека веројатно овој буџетски шок не е резултат на глобална криза, туку на лошо менаџирани јавни набавки и хронично неконкурентни тендери.
Моделот по кој Општина Битола ја набавува електричната енергија за уличното осветлување се заснова на пресметка која ги изложува парите на граѓаните на пазарен ризик. Наместо сигурна и фиксна цена, Општината секој месец ја плаќа струјата по променлива вредност која директно зависи од просечните цени на унгарската берза HUPX. На таа основа се додава енормно висока и фиксна трговска маржа од дури 6,48 денари за секој потрошен киловат-час. Овој комбиниран механизам значи дека маржата од 6,48 денари му е загарантиран чист профит на снабдувачот. Во летните и зимските пикови на берзата, сметките експлодираат.
Анализата на договорите за набавка на струја за јавно осветлување открива и дека неконкурентната пазарна позиција на Битола не е новост, туку пракса која трае со години наназад и останува целосно непроменета. Општината со години редовно привлекува само по еден понудувач на клучните енергетски тендери, со што не може да се примени законскиот механизам за електронска аукција и затоа ги прифаќа скапите почетни цени.
Остар пресврт и контраст на оваа долгогодишна битолска ситуација се случува во Град Скопје, каде што локалните власти годинава целосно ја променија досегашната лоша пракса. Имено, откако Скопје претходните години, исто така, беше “жртва” на пасивни тендери, главниот град годинава привлече дури четири ривалски компании и низ жестока е-аукција ја сруши маржата на трговецот на 3,02 проценти од берзанската цена.
Спротивно на ова, Општина Битола, поради отсуството на конкуренција, прифатила фиксна трговска маржа од дури 6,48 денари чист профит за трговецот за секој еден потрошен киловат-час. Оваа драстична разлика во договорите значи дека Битола плаќа двојно повисока трговска маржа во споредба со Скопје.
Цехот за ваквото планирање, директно го плаќаат граѓаните. Така, од некогашните заложби за бесплатна струја за Битола оти РЕК ни е во непосредна близина, во моментов нашиот град плаќа двојно поскапа маржа за струја од главниот град.
https://www.youtube.com/watch?v=ifo69wrgQ4s











